Арсовска: За две години целосно имплементирање на бесплатниот јавен превоз; Град Скопје должи над 50 милиони евра

Градоначалничката на Град Скопје – Данела Арсовска, денеска на брифинг со новинарите истакна дека за две години целосно ќе се имплементира бесплатниот јавен превоз, при тоа информирајќи дека еден автобус од планираните 250 нови чини 300 илјади евра.

Според неа, бесплатниот јавен превоз ќе биде можен откако ќе се елиминираат долговите на ЈСП, кое е во голема загуба.

„Темелната ревизија во ЈСП е почната. Се детектираат сите слабости, се детектираат каде се загубите. Како што знаете оваа претпријатие е тежок загубар, меѓутоа целта на новата управа, новиот менаџмент е да се овозможи претпријатието да работи со оптимално намалување на трошоците, исто така со зголемување на приходите и со овозможување на сето она кое што може да се направи во следниот период. Најпрвин претпријатието да излезе од тие долгови кои што ги има, второ да се овозможи да се воведат на оние категории на кои што им беше скратено правото на бесплатен јавен превоз и да се пристапи кон систем во кој што ќе видиме начини за да се детектираат средства за да можеме да добавиме од донатори за прва транша за дел од автобуси. За жал, морам да кажам градот е соочен со големо задолжување и она кое што остана како простор да може да се набави по основ на кредитирање е скоро никаков. Некои од претходното раководство се обиде да го претстави како моја слабост дека не можам да кредитирам, наместо да го претстави како свое критизерство лично што овозможил градот за четири години да се заложи три пати повеќе од тоа што било сторено во претходниот мандат на неговиот претходник. Верувам дека треба да се направат темелни, детални анализи, да се види кои се можностите, меѓутоа пред се имаме тим на луѓе кои сето тоа ќе успеат да го направат и тоа ќе успеат да го направат во првите две години и да биде целосно функционално“, рече таа.

Арсовска се осврна и кон долгот на Град Скопје, кој, како што рече, е над 50 милиони евра. Таа додаде дека ЈСП Скопје ја почна реализацијата на проектот од предизборната програма „Скопје без заборавени населби“, односно, продолжување на автобуските линии од линискиот превоз онаму каде што ги нема.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

„Запознаени сте дека има голем број места каде што за жал јавниот превоз не е достапен и покрај тоа што има технички можности за тоа, а жителите на тие места пешачат по 2, 3 и повеќе километри за да стигнат до најблиската автобуска станица. Во финална фаза е постапката за нов линиски ред, воведување ноќни линии, воведување зачестени линии онаму каде што се потребни имајќи предвид дека имаме ситуации на одредени локации каде што само двапати во текот на денот пристигнува автобус, што го ограничува начинот на корисниците на јавниот превоз од подалечните локации да стигнат дома“, образложи Арсовска.

В.д. директорот на ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски, истакна дека во оперативниот дел го затекнал претпријатието во многу лоша состојба, односно со стара мехнизација која била нефункционална и некорисна, депонија во која што не се депонирала како што треба. Во однос на медицнскиот отпад, рече тој, непречено се согорува. Тој најави дека во јануари ќе почне нова постојка за согорување на медицински отпад, во однос на финансискиот дел, Мицевски информира дека вршат интерна ревизија на сите предмети и договори. Според него, финансиската кондиција на „Дрисла“ е многу слаба.

В.д директорот на ЈСП, Иван Илиевски истакна дека загубата на оваа претпријатие е околу два милиони евра. Обврските кои што ЈСП Скопје ги има кон добавувачи, компании е 3 милиони и 100 илјади евра, кои обврски го оштежнуваат работењето на претпријатието. Долгорочни обврски кои ЈСП ги има кон ЕБРД се 10 милиони евра за набавката на новите автобуси. Тој информира дека Жичарницата на Водно ќе биде пуштена пред Нова година. Потенцира дека во моментот се проверува техничката исправност. Жичарницата околу две години не е во функција, односно од почетокот на пандемијата кога поради рестриктивните мерки за заштита од Ковид беше затворена.

- Реклама -