[
– Не се преговара со луѓе што уценуваат и навредуваат и кои тоа го прават зашто вистината не е на нивна страна. Нема да се подлегне на закани и уцени, рече градоначалничката на Скопје Данела Арсовска за тоа дали ќе има договор со приватните превозници кои дадоа рок до петок или повторно ќе го блокираат сообраќајот во главниот град.
Таа порача дека Министерството за внатрешни работи е одговорно да го регулира сообраќајот и дека има позадина тоа што некој сака да направи привид на хаос.
-До каде ќе стигнеме ако секој што има возило или автобус излезе и блокира. Секој ќе си го дозволи истото. Овој проблем бара системско решение кое изгледа некому не му одговара, рече Арсовска во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Таа ги негира обвинувањата на приватните превозници дека ЈСП им должи 1 милион евра и праша зошто ако е така не е поднесена опомена пред тужба. Смета дека тоа е „индиција за нешто“.
Рече дека ЈСП им има исплатено околу 156 милиони денари на приватните превозници – 111 милиони на „Слобода превоз“ и 45 милиони на „Макеспрес“ и дека од 2018 во приватните автобуси не се продавале билети.
Детектирани се состојби, рече таа, кои не соодветствуваат со тоа што е на терен и затоа ќе има сериозна истрага и ревизија.
-Има институции, како УЈП и Финансиската полиција, кои се надлежни за тоа, додаде градоначалничката.
Таа посочи дека со новиот јавен повик за приватните автобуски превозници, кој го најави Град Скопје, ќе може да се пријават тие што сакаат да работат и чесно да заработуваат.