Арсовска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека води инает со скопјани – од партијата ѝ возвратија дека автобуси се потребни сега, а не по една година

„Граѓаните од денес се сигурни и знаат дека чекаат автобуси на горештини и во студ бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не гласа за нови автобуси бидејќи се подготвени да ги жртвуваат здравјето и животот на граѓаните за политички поени“, се вели во реакцијата од Град Скопје по денешната седница на Советот

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека ставот на нивната советничка група е дека на скопјани не им треба решение по една година какво предвидува Арсовска преку ново милионско задолжување на градот, туку решение кое ќе почне да функционира од понеделник кога стартува новата учебна година

Откако предлогот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за набавка на екоавтобуси не го доби потребното мнозинството во Советот на Град Скопје, од нејзиниот кабинет денеска потсетија на обвинувањата на градоначалничката до ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција на денешната седница на Советот во кој таа рече оти докажале дека единствената политика која ја водат е политиката на инает со граѓаните на градот Скопје.  

Град Скопје (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ ниту прифаќа предлози за набавка на автобуси, ниту пак предлагаат решение.  

„Наместо предлог, ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција одлучија да ги остават граѓаните на улица да чекаат стари автобуси по еден час, на плус 40 и на минусни температури“,

се вели во реакцијата од Град Скопје.  

Од кабинетот на градоначалничката пренесуваат и дел од нејзините обраќања и реплики кон претседателот на Советот, Трајко Славески во кои таа рече дека ќе ги прифати сите амандмани и оти се подготвени и на ребаланс на Буџетот за да се гласа предлогот.   

„Побаравте наместо од задолжување автобуси да се набават од сопствено финансирање, сега барате и конкретен извор. Ви дадовме можност да одберете банка, да изготвите спецификација, да оформите комисија и слично, сѐ да направите вие, а јас само да ја потпишам таа јавна набавка. За да нема повеќе оправдувања, јас од оваа говорница нема да се тргнам сѐ додека не кажете каква одлука сакате, ќе ги прифатам сите амандмани, подготвени сме да направиме и ребаланс на Буџетот, за да гласате. Тоа е единствениот начин денеска да знаеме кој сака да се реши проблемот со јавниот превоз во Град Скопје, а кој не“,

рече Арсовска од говорницата во Советот на град Скопје. 

Таа додаде дека советници пред себе имаат предлог-одлуки и програми кои не се гласаат веќе осми месец, а никој нема зебелешки за нив.  

„Ако има забелешка се дава амандман, кажете што не чини за да се корегира. Ќе седиме 24 часа тука, ќе работиме и ќе ја завршиме документацијата онака како што на вас ви одговара…Средствата за паушалот за советниците се зголемил од 500 на 600 евра, значи денеска за да дојдете и гласате тука земате 600 евра. Имате мнозинство, очигледно е тоа, а денеска би сакала да покажете пред граѓаните, затоа што убаво ве замоли вашиот претседател на партијата да гласате! Сите ќе седиме тука за да ни кажете забелешки, да донесеме и ребаланс ако треба и оваа одлука  да се промени како што вие сакате за да ја гласате и да видат граѓаните кој е тука за да им ги реши проблемите, а кој е тука за да прави проблеми“,

рече Арсовска. 

Од денешната седница на Советот на Град Скопје / Фото: Принтскрин

Во реакцијата, од нејзиниот кабинет велат дека срамот за ваквата ситуација е на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која го сочинува мнозинството во Советот,  

„Граѓаните од денес се сигурни и знаат дека чекаат автобуси на горештини и во студ бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не гласа за нови автобуси бидејќи се подготвени да ги жртвуваат здравјето и животот на граѓаните за политички поени“,  

велат од Град Скопје.

На обвинувањата од кабинетот на Арсовска одговорија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека градоначалничката на Скопје не изнела никаков план за решавање на состојбите во Јавното сообраќајно претпријатие и надминување на хаосот со јавниот превоз.  

„Нејзиниот единствен предлог беше задолжување на градот за набавка на нови автобуси кои би дошле по една година. Ставот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата е дека на скопјани не им треба решение по една година какво предвидува Арсовска и тоа преку ново милионско задолжување на градот, туку решение кое ќе почне да функционира од понеделник кога стартува новата учебна година. Тоа што СДС, ДУИ и Арсовска се обединија околу раскрчмување на градските ресурси говори за тоа колку неспособноста и криминалните мотиви се присутни при носењето на одлуки во Скопје. Арсовска не изнесе никаков план иако ветуваше решенија“,

се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.  

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: „360 степени“ (Архива)

На денешната седница на Советот на Град Скопје, „за“ набавката на нови автобуси гласаа 20 советници, петмина беа „воздржани“, а никој не се изјасни „против“. Дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа, а некои од нив беа воздржани. 

За оваа одлука да биде усвоена требаше да гласаат 23 советници. 

Откако советниците од другите политички партии рекоа дека ќе ја гласаат одлуката за набавка на нови екоавтобуси, за збор се јави претседателот на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, кој рече дека нема да ја гласа одлуката затоа што во буџетот за 2024 немало пари за оваа намена, а не се знае каков ќе биде буџетот за 2025. 

Советот на Град Скопје на денешната седница не ја донесе и Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. „За“ одлуката гласаа 14 советници, четворица беа „против“ и двајца воздржани. Против оваа одлука гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од Зелен хуман град и Левица. 

- Реклама -