Американскиот велосипедист Ленс Армстронг наводно признал дека користел допинг во текот на неговата кариера, пренесува ’Associated press’.
Армстронг го признал ова во текот на снимањето на интервјуто со Опра Винфри. Изворот на AP побарал да остане анонимен оти емитувањето на интервјуто е предвидено за четврток навечер на каналот на Опра.
Велосипедистот планира да сведочи против високи претставници од Меѓународната велосипедска унија, врвно тело во светот на велосипедизмот, во врска со нивната вмешаност во употребата на допинг во овој спорт, но нема да сведочи против неговите колеги.
Американската анти-допинг агенција (УСАДА) лани го обвини Армстронг дека користи допинг, поради што му беа одземени сите седум титули од Тур де Франс. Тој тогаш ја одби понудата на УСАДА да задржи пет титули, а за возврат да признае дека користел допинг.
Меѓународната велосипедска унија, пак, лани ги избриша сите негови резултати и му изрече доживотна забрана за занимавање со професионален велосипедизам поради користење на недозволени средства. Американецот поради допингот изгуби милиони долари.
УСАДА соопшти дека Армстронг бил дел од најсофистицираната допинг програма во историјата на спортот. Обвинет е дека користел ЕПО, трансфузија на крв, тестостерони, кортикостероиди, хормони за раст и продавал допинг средства на другите велосипедисти.