Репрезентацијата на Аргентина се наоѓа на работ на елиминација од Дејвис купот откако претрпе пораз и на мечот во двојки против Чешка.
Томаш Бердих и Радек Степанек славеа над аргентинскиот дубл Шванк/Берлок со 3:0 во сетови, носејќи им на Чесите предност од 2:1 во победи во пресрет на денешниот трет натпреварувачки ден.
Дополнителен проблем за „Гаучосите“ претставува влошувањето на повредата на Хуан Мартин дел Потро, поради што најдобриот аргентински тенисер нема да може да го одигра денешниот дуел со Бердих, па неговото место ќе го заземе далеку послабо рангираниот Берлок.
Дел Потро не ги послуша лекарските совети и настапи повреден против Степанек, но уште повеќе ја влоши повредата на зглобот на раката, па сега ќе мора целосно да мирува најмалку десет дена. Во ситуација кога на Чесите им е потребна само една победа за пласман во финалето, а Аргентинците не можат да сметаат на Дел Потро, јасно е дека на „Гаучосите“ им е потребно чудо за да избегнат елиминација и да го повторат ланскиот успех и пласманот во финалето од Дејвис купот.
Во второто полуфинале, САД ја намали предноста на Шпанија на 2:1 откако браќата Брајан славеа над шпанскиот дубл Лопез/Гранољерс со 3:1 во сетови.
Изненадување секако е и испаѓањето на Русија од елитната група во Дејвис купот. Тоа е репрезентација која двапати го има освојувано трофејот во ова натпреварување и уште двапати играше во финалето, а испадна од Бразил.