Американската агенција за заштита на патенти го одби барањето на Apple да го заштити името на нивниот популарен производ iPad Mini.
Одбиената пријава за заштита на името за популарниот мини таблет Агенцијата го образложила со тоа дека името на уредот е само описно и дека не создава „единствена смисла“.
„Термините „мини“,„пад“ и префиксот „и“ се описни и со тоа името кое е изведено од нив iPad Mini не може да создаде единствена смисла“, пишува во одлуката на Агенцијата.
Меѓутоа, битката за Apple не е изгубена со оглед на тоа што оваа компанија има време до јули да ја убеди Агенцијата дека нејзиниот нов производ се разликува од неговиот „постар брат“.
Во изминатите неколку месеци Apple беше актер во неколку спорови во врска со патентите и имињата на конкурентните фирми, па овој проблем со заштита на името за iPad Mini само се надоврзува на веќе постоечките.
Лани Apple го доби спорот со својот најголем ривал Samsung, меѓутоа минатиот месец судот одлучи првобитната казна од милијарда долари што корејската фирма требаше да ја плати да ја намали за 40% и одреди датум за ново судење за да се процени степенот на штетата што ја претрпела Apple.