Апасиев: Ситуацијата е пресериозна, потребна е радикализација на опозицијата

„Состојбава е алармантна, мислам дека парализирана е парламентарната демократија, суспендирана е. Ова е преседан кој ќе ни се врати од глава, кога можете пратеник да киднапирате и да држите… Не знам дали го видовте видеото, мене ми изгледаше како оние заробеници на терористички организации пред егзекуција. Така што, ситуацијата е опасна, мислам дека граѓаните треба да ја сфатат сериозноста и мислам дека оваа власт не паѓа милум и дека треба радикализација на состојбите“, изјави пратеникот и лидер на Левица – Димитар Апасиев, за ТВ21, во однос на денешните случувања во Собранието околу Иницијативата за гласање (не)доверба на владата, во сенка на преку ноќ променетиот став на пратеникот Кастриот Реџепи од Беса, соопштен единствено преку социјалните мрежи.

Прашан да појасни што подразбира под „радикализација“, Апасиев посочи дека зборува за политичка радикализација на опозицијата.

„Јас сум на тој став бидејќи очигледно тие ги користат сите полуги на власта за да оневозможат демократска транзиција на власта и мислам дека треба опозицијата да размисли за радикализација на методите. Тоа значи протести, блокади, парализа на Собранието… Само по себе законодавниот дом веќе не постои бидејќи, знаете, ситуацијата е 60-60. Тие со вакви методи можат да стигнат и до 90 пратеници, ме разбирате. Се губи смислата на изборите и мислам дека ситуацијата е пресериозна. Со опозиционите лидери очекувам дека ќе се оди буквално кон политичка радикализација, бидејќи ова е неиздржлива ситуација“, рече претседателот на Левица.

Тој не смета дека некои од неговите и/ли ставовите на Левица се можеби причина за пресвртната одлука на пратеникот од Беса.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

„Не, тоа се само изговори. Пратеникот Реџепи до последно беше со нас, до синоќа до еден и пол часот тој бил во постојана комуникација со неговите сопартијци. Значи нешто се има случено, а тоа е мексиканско сценарио… ова е картел, ова е мафија. И мислам дека ситуацијата е пресериозна, го повикувам и претседателот Пендаровски сериозно да размисли за понатамошните чекори, бидејќи ова може да ја радикализира ситуацијата на терен“, заклучи Апасиев (изјавата погледнете ја ТУКА).

Претходно, тој на Фејсбук го изнесе својот став за развојот на настаните во кои главна улога е пратеникот Реџепи.

„Со репетиран калаш на слепоочница се пишуваат најпрекрасните евро-атлантски пратенички статуси ❤️
#СрцетоВоБриселБубрезитеВоВашингтон
#МексикоКартелЕвропскиВредности“, напиша Апасиев, алудирајќи на изјавата на Груби дека го познава Реџепи од времето кога заедно работеле во Холандската амбасада и дека „срцето на Реџепи е во Вашингтон и Брисел“, изјава што малтене до збор подоцна ја повтори и пратеникот на ДУИ – Арбер Адеми, прашан за обвинувањата дека Реџепи е држен некаде против своја волја.

„Секако дека пратениците се за една влада, која негува европски и евроатлантски вредности, така што, срцето на господинот Реџепи лежи во Вашингтон и Брисел. Јас сум длабоко убеден дека токму неговата одлука лежи тука“, рече Адеми. И тој, и Груби, па и координаторот на пратеничката група на СДСМ нешто подоцна, но пред Реџепи да го објави видеото, изјавија дека немале контакт со него.

- Реклама -