Апасиев: Осудените за 27 април треба да се помилуваат преку „ин конкрето“

Осудените за 27 април треба да се помилуваат преку помилување „ин конкрето“, изјави претседателот на Левица, Димитар Апасиев.

Апасиев во гостувањето во емисијата „Претрес со Ландов“, објасни дека тоа значи претседателот на државата да помилува конкретни осуденици. Инаку, овие кои се, како што вели, неправилно класифицирани во делот на терористичко загрозување, ќе се изедначат со „Монструм“.

– Мислам дека треба да има помилување, но како ќе го изведат не знам. Ние еднаш поддржавме, ако се сеќавате. Тие луѓе се неправилно класифицирани во делот на најтешко терористичко загрозување. Ако дадете вие амнестија за такво дело, по автоматизам доаѓа и „Монструм“, овие – терористите, посочува Апасиев.

Во однос на тоа предметот да се врати на повторно судење, тој смета дека тоа е подолгата варијанта, односно декаа ќе трае долго. Според него, не е потребно да се докажува дека се невини за ова кривично дело, туку тие треба да бидат прагматични и да излезат од затвор.

– Треба да бидат прагматични и да излезат од затвор. Тоа таму е кочина… Таму куче да заврзеш, ќе умре, а не, пак, човек, рече Апасиев.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

За затворските услови Апасиев вели дека ни малку не се на нивото на скандинавските земји, а ниту, пак, останало тоа што било во Југославија. Затворот, како што посочува, е извор на зараза и насилство, а престојот е небезбеден за кого било.

– Видете ги условите во скандинавските земји, како приватна болница се, а кај нас е кочина, буквално. И тој систем на ресоцијализација, кој сме го имале од Југославија, сега веќе не постои. Таму здрав да отидете, пореметен ќе излезете од затвор. И чесен човек да бидете, вие утре, не дај Боже, може да згазите некој и да завршите во затвор заедно со тие убијци и криминалци, може да ве силуваат, да ве убијат… Ете, сега имаше еден претепан, умре на Клинички. Тоа е ужас таму, тоа е страв и ужас, заклучува Апасиев.

- Реклама -