„Моментот коа евробирократката Могерини ладнокрвно го одминува нејзиниот империјален измеќар Заев.
p.s. Зоки бе друже, мене нeзгoднo ми падна. Сиромашкиот, таков сиот со блажена насмевка, прописно беше изигнориран од „шефицата”. Ова е доволен знак дека си пуштен низ вода, али “кој да ти каже Иванна“ “, напиша вчера на Фејсбук проф. Димитар Апасиев од Левица, споделувајќи видео на кое навидум еврокомесарката Федерика Могерини го одминува премиерот Зоран Заев додека се поздравува со други дипломати при неговата неодамнешна посета во Брисел заедно со останатите лидери од Западен Балкан.
„Веста“ дека „Могерини го одминала Заев“ ја објавија повеќе главно опозициски медиуми, но сепак реалноста е малку поинаква. На официјалните снимки и фотографии, имено, се гледа спротивното – дека еврокомесарката се поздравува и со Заев. Со ова „се покажа уште една лажна вест од професорот Апасиев, близок до ВМРО-ДПМНЕ“, коментираат денес медиумите.