Апасиев час и пол на распит во Обвинителството, вели дека ќе продолжи да објавува Фејсбук статуси како и досега

Претседателот на Левица – Димитар Апасиев, денеска час и половина беше на распит во Обвинителството поради своите „cкандалозни“ статуси на социјалните мрежи.

Во изјава за медиумите, во склад со претходните изјави дека стои зад она што го напишал и дека со задоволство ќе оди на распит, Апасиев истакна дека не очекува обвинение, но затоа повтори дека тој самиот ќе поднесе кривични пријави за оние што го пријавиле – за „лажно пријавување“.

Предметот за Апасиев за „ширење расна и етничка нетрпеливост“ беше отворен по кривична пријава од МВР откако ноќта по изборите, откако стана извесно дека Левица ќе има двајца пратеници, тој на Фејсбук напиша: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе <3“ (статусот, патем, сѐ уште стои). Меѓутоа, како што информираа од Обвинителството, против него беа поднесени уште две кривични пријави, од страна на Мерсиха Смаиловиќ и Тања Милевска преку Хелсиншкиот комитет за човекови права, кои се однесуваат на други статуси на Апасиев на Фејсбук и Твитер.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

За медиумите, Апасиев соопшти и дека тој и неговото семејство добивале закани за објавените статуси, но истакна дека ниту заканите, ниту Обвинителството нема да го премислат да продолжи да објавува провокативни статуси, бидејќи, како што рече, во секој од нив се држи до практиката на Европскиот суд за човекови права.

 

- Реклама -