Апасиев: Без „црвени линии“ ќе станеме Курди на Балканот, без своја држава

Aко се смилува монархот Талат Џафери и ја стави на дневен ред Декларацијата на Левица, тие ќе очекуваат поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, па оттаму и Левица ќе ја поддржи Резолуцијата за „црвените линии“ во спорот со Бугарија предложена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев, во „Само интервју“ на ТВ „Канал 5“.

Според него, доколку не се утврдат црвените линии на државава, за неколку децении Македонците ќе бидат Курди на Балканот:

„Црвените линии според нас се унитарноста на Македонија – значи да не се разговара за некаква идна федерализација или кантонизација, секуларноста – тоа значи да се зауздаат верските заедници кои почнуваат да доминираат, следно е територијалниот интегритет да се гарантира, потоа идентитетот да се гарантира – значи име, јазик, култура, и инсигниите – односно државното знаме, грб и химна. Ова е ‘најмалиот заеднички содржател’ зад кој секоја македонска партија мора да го стави својот потпис, бидејќи во спротивно ние за неколку децении од сега ќе немаме држава, односно ќе бидеме Курди на Балканот“, рече Апасиев.

Тој смета дека треба да ги продолжиме преговорите со ЕУ, но да ги напуштиме преговорите со Бугарија, за, како што вели, да се зачува достоинството на народот. За спорот со Бугарија го обвинува премиерот Зоран Заев. Пред него, вели, немавме проблем со Бугарија, но истиот го создаде тој со потпишувањето на Договорот за добрососедство.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

„Тој цело време вели дека член 2 е прекршен, но ако го прочитате членот 2 ќе видите дека не е прекршен. Бугарите фино го спакувале членот 2 кој вели ‘ќе ве поддржиме за влез во НАТО, а ќе ви даваме сугестии за членство во ЕУ’. Тие никаде не се обврзале дека нема да стават вето“, истакна Апасиев.

Претседателот на Левица го критикуваше и Никола Димитров заедно со останатиот дипломатски тим на премиерот Зоран Заев, нарекувајќи го „дипломат од Ш категорија“. Апасиев истакна и дека некои политиколози сметаат дека Заев намерно става вакви кукавички јајца во секој договор, со цел кога ќе дојдат претставници од меѓународната заедница и ќе побараат „ајде уште ова, па ајде уште ова треба да се направи”, Заев да биде единствениот лик кој ќе се нафати на такви чекори.

Во однос на Преспанскиот договор со Грција, Апасиев останува на ставот дека истиот мора да биде поништен, бидејќи ние ќе бидеме новата Турција која 30-тина години преговара со ЕУ. Според него, има алтернативи.

„Светот е мултиполарен и има алтернативи. Кина за една деценија ќе стане најсилна економија, постојат Евроазиска унија, Движењето на неврзаните, БРИКС…“, констатира лидерот на Левица.

- Реклама -