Апасиев: Ако уставните судии не си го поништат додатокот, ќе им ја намалиме основната плата за толку, а може и за поише

„Ако уставните судии не си ја повлечат неоснованата одлука за ДОДАТОЦИ НА ПЛАТИ од 35%, ондак ние ќе поднесеме предлог-закон за намалување на нивните основни плати за исто толку колку шо си ги зголемија противзаконски, а може и поише. 😉 “, порача пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев, на социјалните мрежи. „#ПазитеШтаРадитеНемојПослеЈебиГа“, додава тој во постот.

Реакциите за потегот на уставните судии продолжуваат и денеска, вклучително и од Левица. Во нивното соопштение се наведува дека „уставните судии незаконски и скандалозно изгласаа додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата, во услови кога Владата апелира дека сите треба да се солидаризираат во кризата со мерки на штедење“.

Од Левица посочуваат дека согласно член 113 од Уставот на РМ, со Деловникот на Уставниот суд се уредува работата и постапката пред Уставниот Суд, што значи дека со Деловникот се уредува постапувањето на Уставниот суд при оценување на уставноста и законитоста на прописите и другите општи акти, како и структуралната поставеност на судот.

„Секоја интервенција во Деловникот (измена и дополнување) која излегува од уставно зададената рамка за дозволен опфат по автоматизам значи дека е противуставна таквата интервенција.

Бидејќи судиите на Уставниот Суд ги избира Собранието на РМ и тие преставуваат посебна, четврта власт регулирана со посебна глава во Уставот, надоместоците на нивните плати може единствено да биде уредена согласно нов закон донесен од Собранието на РМ и никако поинаку.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Ваквата безобѕирност и самоволие од страна на Уставните судии, да самоиницијативно и неуставно си ги зголемат платите, на површина го исфрла нивниот кредибилитет и нивното правно незнаење. Овој потег е само продолжение во низата фијаска на слабиот персонален состав на уставни судии кои единствено се продолжена рака на неуставните политики на владејачкиот режим во услови на окупирана демократија“, порачаа од Левица.

Фото: СДК.мк

Од Уставниот суд, пак, синоќа изразија жалење што не биле прашани за објаснување пред да биде објавена веста.

„Судот мора со жалење да констатира дека во голем број дел од денешните објави на медиумите беа објавени неосновани и непримерени квалификации за органот и уставните судии. Притоа, најголем дел од вестите беа објавени без претходно да се побара било какво објаснување, туку истото беше побарано откако медиумите ја објавија веста“.

Во склоп на истата таа реакција, меѓутоа, Уставниот суд вети посебно соопштение до јавноста во кое ќе ја образложи промената на Деловникот:

„Во врска со денешните објави од повеќе медиуми по однос на последното дополнување на Деловникот на Уставниот суд, ја известуваме јавноста дека Судот наскоро ќе објави посебно соопштение со кое ќе ја образложи оваа деловничка интервенција“, порачаа оттаму.

До овој момент, образложение од Уставниот суд сѐ уште нема.

- Реклама -