Нема кривична одговорност за министерката за финансии Нина Ангеловска за депозитот во „Еуростандард банка“, но случајот е проблематичен од етички аспект и затоа Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), нема да покрене санкција, но ќе препорача доуредување на прописите со кои ќе се спречат вакви ситуации на судир на интереси, соопшти денеска првиот човек на антикорупционерите – Билјана Ивановска.
Посебен фокус Антикорупциска ќе посвети на меморандумот за соработка помеѓу Народната банка и Министерството за финансиии и останатите регулаторни тела, каде ќе настојува преку уредби да се спречи носител на функција кој има можност да располага со информации, истите да ги искористи за себе или да обезбеди корист за некој друг.
Според антикорупционерите, Ангеловска по службена должност располагала со информации и податоци за движењата на банкарскиот и на финансиските пазари и оттаму имала можност да дојде до информации околу банката кои не биле достапни на другите штедачи. Како што соопшти Ивановска, првиот документ кој потврдува дека Ангеловска дознава дека „Еуростандард“ ќе оди во стечај е записник од состанок на Комитетот за финансиска стабилност на 4 јуни.
Овие информации можеле да влијаат на одлуката и чекорите на Ангеловска во однос на нејзиниот депозит во банката, со тоа што таа имала предност пред останатите штедачи, и со самото тоа Ангеловска се нашла во ризична состојба во однос на судирот на интереси. Во такви ситуации, меѓутоа, носителот на јавна функција треба да се откаже од преземање дејство и да го сноси ризикот како и сите други, истакна претседателката на ДКСК.
Ивановска воедно потсети и на етичкиот кодекс кој Владата го има донесено по препорака на ГРЕКО, а според кој членовите на владата и носителите на јавни функции треба посебно да водат сметка за Законот за судир на интереси, но истовремено и да избегнат сомнеж за судир на интереси, бидејќи јавноста се сензибилизира по тие прашања. Во случајот со Ангеловска, сомнеж дефинитивно постои, истакна Ивановска.