Влијание од страна на функционерите при вработувањата на нивни роднини, односно непотизам, имало во 6 од разгледуваните 18 случаи, смета Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). При овие вработувања постоеле измени на актите за вработување и критериумите во огласите биле местени според кандидатот/роднина што требало да биде вработен, пренесува „НОВА ТВ“.
Меѓу овие се и сите три случаи околу вработувањата на блиски луѓе на генералниот секретар на СДСМ – Александар Кирацовски.
Непосредно пред вработувањето на неговата сестра – Мирјана Јосифовска, во Централниот регистар, институцијата го зголемила бројот на советници за дистрибуција на информатички податоци – од два на три, додека на огласот како услов било наведено кандидатот да има завршен Факултет по географија. Додека останатите кандидати биле одбиени по основ несоодветно образование, сестрата на Кирацовски била вработена и испратена да работи во одделението во Битола, каде што и живее. Поради сите овие наоди, Антикорупциска ќе побара да се утврди дали директорката на Централен регистер ја злоупотребила службената положба.
При вработувањето на дедото (татко на сопругата) на Кирацовски – Борче Поповски, во РЕК Битола, тој бил ангажиран преку Агенција за привремени вработувања. По истекувањето на договорот за работа, истиот му бил продолжен. Директорот, меѓутоа, воопшто не требало да ангажира лица преку Агенцијата, туку да објави оглас. По реакциите во јавноста, Поповски се повлече од работното место, но сепак, Антикорупциска побара да се утврди одговорност од генералниот директор на РЕК Битола.
И при вработувањето на бабата на Кирацовски има солидни индикации дека имало непотизам, утврди ДКСК. Мајката на неговата сопруга, во училишниот дом „Мирка Гинова“ – Битола, била вработена на позиција технички секретар – работно место што било создадено непосредно пред објавувањето на огласот.
Непотизам имало и при вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска во ЕЛЕМ и сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши во МЕПСО. Спорно е и вработувањето на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми во ЕЛЕМ, како и вработувањето на мајката на пратеникот Костадин Костадинов во Централен регистер. Подетално прочитајте ТУКА.