Четири години по промената на кошаркарската власт во земјава и еден месец по реизборот, претседателот на Федерацијата, Перо Антиќ првпат проговори за промената на името на оваа организација.
Во овие четири години, тој често беше напаѓан дека го сменил името, најчесто од политички причини. Присутните на Изборното собрание, одржано на 15 мај 2019 година се сеќаваат што се случуваше на него, но тоа прашање не беше актуелизирано од Антиќ, се до синоќа.
Во гостување на една локална телевизија, тој се осврна на промената на името на Федерацијата од МКФ (Македонска кошаркарска федерација) во КФСМ (Кошаркарска федерација на Северна Македонија) и објасни како се случи сето тоа.
„Од дневниот ред добро се гледа дека како шеста точка на Собранието е носење одлука за промена на називот на Федерацијата. Во тие моменти, Собранието го води тогашниот претседател Петар Наумоски. Мојот избор за претседател е дури деветта точка откако претходно беше констатиран престанок на функцијата на мојот претходник. Петар Наумоски појасни дека законска обврска на сите спортски федерации е да направат промена на називот. По препорака на Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет даден е предлог за полн и скратен назив на федерацијата. Називот на Здружението на граѓани е Кошаркарска федерација на Северна Македонија. Скратено име е КФСМ. Ваквиот предлог беше усвоен со 27 гласа ЗА“, рече, меѓу другото, Антиќ.
Кошаркарската федерација на Македонија е една од ретките спортски организации кои го сменија називите по промената на името на државата. Тоа го направи и Олимпискиот комитет, но останатите федерации, главно, ги задржаа старите имиња.
МИА