На следните избори сигурно ќе гласаат 50.4 отсто од испитаниците во анкетата на „Тим институт“ спроведена за потребите на СДСМ. Дека веројатно ќе гласаат одговориле 23.1 отсто од анкетираните, а дека сигурно нема да гласаат одговориле 8.5 отсто од прашаните. 7.9 отсто рекле дека не знаат дали ќе гласаат.
Од испитаните, 24.4 отсто рекле дека ќе гласаат за коалицијата предводена од СДСМ, додека 21.1 отсто рекле дека би гласале за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Прашани за тоа дали власта или опозицијата заслужуваат да бидат на власт, 45.2 отсто од испитаните дале целосна или делумна поддршка власта да биде реизбрана. 43.8 отсто го мислат спротивното. Од друга страна, само 29.1 отсто сметаат дека актуелната опозиција треба да ја добие власта, додека дури 56.8 се против. Повеќе детали од анкетата прочитајте ТУКА.
Од СДСМ велат дека анкетата покажува дека опцијата и политиките што ги застапува и релизира СДСМ имаат најголема поддршка меѓу граѓаните.
„Во однос на главните приоритети, истражувањето покажа дека на граѓаните важни им се економија, правда, борба против корупција, здравство.
Токму затоа како одговорна партија, работиме и зборуваме за економија, затоа се бориме за правда и борба против криминалот.
Високата поддршка на граѓаните за влез во ЕУ и НАТО го потврдува нашиот стратешки приоритет за интеграција во најмоќните светски сојузи.
Граѓаните ја препознаваат нашата борба и посветеност за право и правна држава со функционални институции кои вистински се борат против криминалот и корупцијата.
Кога и да има избори, СДСМ би победила, но добро е за државата, за економијата и граѓаните, мандатот да биде завршен до крај.
Како одговорна партија, остануваме со граѓаните, продолжуваме со спроведување на мерките и политиките што обезбедуваат економски раст, реформи во институциите, градење неселективен правен систем и целосна интеграција на државата во ЕУ и НАТО“, велат од владејачката партија.