Во вторник, на 15 април 2025 година во 19 часот, во галеријата на македонскиот Културно информативен центар во Истанбул, Турција, ќе биде отворена изложбата „Гумено време“ на Ана Ивановска. Оваа изложба е визуелно истражување на глобалните случувања и нивниот ефект врз личното и колективното искуство. Пандемијата, војните и тековните конфликти значајно го променија секојдневието, создавајќи неизвесност – време што се протега и истегнува, без јасен крај. Уметничките дела овозможуваат директна интеракција со гледачот, покренувајќи прашања за личните и општествени промени. Тежиштето е поставено на внатрешната трансформација и менталните состојби, ситуации и чувства кои произлегуваат од оваа нова реалност.
Со влијание од глобалните настани, фотографиите прикажуваат повторливи мотиви како маските и ракавиците кои создаваат мрежа зад која устата останува „Без здив“. Тие претставуваат визуелна изразност на стравот, безизлезноста и ограничението на слободата, како бариера за комуникација со светот. Овие дела се создадени преку истражување, експериментирање и комбинација на фотографија и други материјали. Проектот „Гумено време“, сепак, носи надеж, поттикнувајќи нè да најдеме задоволство и исполнетост преку откривање на внатрешен мир – преку љубов, поврзаност и заедништво. Тој стремеж има за цел создавање нова свест за незабележаните моменти, креирајќи нова перцепција за околината, извирајќи од човечката потреба за самоспознание и чувство на единство со универзумот.