По вчерашната трагедија во Гостивар, во која малолетно девојче падна и се удави во Вардар бегајќи од улични кучиња, многумина својот гнев и критики преку социјалните мрежи ги упатија во правец на здруженијата за заштита на животни, пред сé Анима Мунди, како и неделниот протест организиран во тој правец.
Делумно поради тоа, а главно поради тоа што трагедијата од Гостивар е уште еден знак дека ситуацијата е на раб да излезе од контрола, како што сметаат од здружението, од Анима Мунди се огласија со соопштение за јавноста, порачувајќи дека една од целите е токму спречување на ваквите случаи, што би се постигнало преку остварување на главната – а тоа е што е можно помалку бездомни животни на улиците.
Соопштението го пренесуваме во целост:
„Почитувани, Длабоко сме потресени и изразуваме огромно жалење за трагедијата која вчеравечер се случи во Гостивар, кога девојче, бегајќи од кучиња, се удави во водите на реката Вардар. Не постојат зборови со кои можеме да ја искажеме нашата тага поради прерано згаснат живот и упатуваме искрено сочувство до семејството на починатото девојче. Гледаме дека оваа трагедија се користи како мотив за напад врз нашите заложби за хуман третман на бездомните животни, па оттаму должни сме уште еднаш да повториме дека ние се залагаме и придонесуваме самоиницијативно да нема улични кучиња во ниту една општина во државата и проблемот да се реши трајно, а со цел да се гарантира безбедноста и заштитата на граѓаните. Сепак и покрај нашите натчовечки напори, институциите избегнуваат да ја согледаат и да ја третираат суштината на проблемот, бавејќи се со краткорочни решенија без долгорочни резултати.
Здруженијата не сакаат бездомни животни на улица и волонтерски, самостојно, континуирано дејствуваат и реално придонесуваат кон намалување на бројката бездомни кучиња. Сме вдомиле, стерилизирале илјадници, пратиле во странство, тргнале од улица. Со години бараме измена и прецизирање на законската регулатива која ќе го спречи изворот на нови кучиња на улица затоа што само тоа е решение. Сме изготвиле предлози и конкретни алтернативи, доставиле и аргументирале пред надлежните. Бараме дефинирање на одговорното сопствеништво и најстроги казни за напуштање и неконтролирано размножување на милениците; одданочување и контрола на секој кој тргува со животни; задолжителна стерилизација на сопственичките кучиња; масовна и брза стерилизација и кастрација на бездомните кучиња. За тоа впрочем во неделата излеговме на протест.
Што повеќе ние да направиме?
Законската надлежност и оттаму можноста да направиме нешто повеќе не се наши. Здруженијата не само што немаат никаква надлежност, туку се држани на страна и целосно оневозможени да дејствуваат и им помогнат на институциите во третирање на овој проблем. Да биде пострашно освен што се одбивала нашата помош, се одбивала секој друг вид помош која сме ја обезбедиле од странски организации – се одбила можност за нивно доаѓање во Македонија и теренско дејствување кое секако би придонело кон воспоставување контрола на бездомните животни на улиците. Во 2016 година „не постоела законска можност“ да ги донесеме најсилните мобилни ветеринарни екипи во светот кои дирекно на терен стерилизираат и кои сакаа да воспоставиме соработка. Во 2017 не смеело ние да реализираме стерилизации на бездомни кучиња , бидејќи кучињата се под градот, за што подложевме и на инспекции. Во двата случаја станува збор за оневозможена помош од водечки светски организации кои сакаа да помогнат но преку наше посредување. Помош која е од интерес на граѓаните, животните и колективната благосостојба и безбедност.
Со последниот грозоморен настан, ситуацијата веќе е на раб да излезе од контрола поради долгогодишната пасивност на надлежните да се справат со проблемите, за кои ние нудиме конкретни решенија.
Свесни сме дека ваквите трагични настани јавуваат револт и бес кај граѓаните кој ние целосно го разбираме, но не смее да се посегнува по противзаконски, нехумани , самоиницијативни методи како труења и убивања на животните, бидејќи тоа не само што нема да го реши проблемот, туку ќе го продлабочи и во прашање ќе ја доведе и нивната безбедност.
Апелираме уште еднаш до градските власти да ги слушнат нашите барања и нашите конкретни предлози за решавањето на проблемот со бездомните кучиња, бидејќи сметаме дека тие ќе донесат долгорочни резултати во корист на и граѓаните и на животните.
Уште еднаш онемени сме од ужасната трагедијата која што го снајде ова девојче и нејзиното семејство. Оваа трагедија не смее да биде повод и изговор за уште поголеми грешки, продлабочување на проблемот и алиби за убивање на кучињата, бидејќи така ситуацијата ќе ескалира до недоглед, а вакви трагедии ќе продолжат да нè снаоѓаат“.