Филмот „Бело се пере на деведесет“, кој го потпиша режисерот Марко Набершник, вчеравечер ја имаше својата македонска премиера на 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“. Овој проект се реализира како копродукција во која Македонија учествува како малцински производител. Филмот е базиран на автобиографскиот роман на словенечката авторка Броња Жакељ, чиј успех се простира на осум јазици.
Копродуцентот од Македонија, Томи Салковски од „Црна мачка“ од Скопје, за време на прес-конференцијата закажана по повод премиерата, изјави дека тимот решил прво да го прикаже филмот на фестивал, а потоа во редовните кино-сали
„Се надеваме дека на крајот на годината или во јануари, филмот ќе биде на редовната репертоарска програма во ‘Синеплекс’“, истакна Салковски.
Актерката Леа Цок изрази дека улогата во филмот и помогнала да се запознае самата себе, нагласувајќи дека сите ние имаме свои предизвици во животот и дека тие не се казни, туку можности за самооткривање и согледување на нашата внатрешна сила. Продуцентот Павлин, пак, додаде дека процесот на адаптација на романот во сценарио бил навистина предизвикувачки.
Актерката Аница Добра нагласи дека иако филмот се занимава со теми што се однесуваат на жените, всушност, тој е за сите нас. Таа истакна дека во него има многу хумор, кој не е тука само за да насмее, туку за да ја истакне драмата.
– Сплетот на драма и хумор ја прави приказната особено препознатлива, додаде Добра.
Филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна, инспиративна приказна, која на хумористичен начин ги следи различните фази од животот на Броња. Нејзиното безгрижно детство се прекинува по смртта на нејзината мајка, која се борела со рак, а во доцните тинејџерски години и самата Броња се соочува со истата рана болест. И покрај бројните предизвици, таа успева да проследи хумор, солзи и непоколеблив оптимизам.
Филмот е резултат на копродукција меѓу Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора. „Бело се пере на деведесет“ ја имаше својата светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал во август годинава.




