„Целта на основањето на новата компанија Renewable energy supply (RES) е да го промениме досегашниот концепт на снабдување со електрична енергија на слободниот пазар при што на компаниите ќе им обезбедиме предвидливост на цената на струјата преку годишни договори“, истакна проф. др. Кочо Анѓушев во синоќешното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Според Анѓушев, потребата од промени и унапредување на системот на трговија со електрична енергија се согледува токму при актуелните случувања на енергетскиот пазар и драстичното поскапување на електричната енергија.
„Целта e да се промени концептот на трговија со електрична енергија бидејќи стариот е веќе истрошен. Бидејќи, ако менаџирате фабрика и јас ви кажувам дека цената на енергијата ви е хупекс плус три, пет или 10 отсто така вие немате цена за еден од вашите главни компоненти во формирањето на цената на вашиот производ и особено се погодени оние кои што во цената на производот, цената на струјата зазема голем процент. Веројатно тие кај кои што цената на струјата е мал процент од структурата и не се толку погодени. Ова ќе даде некоја предвидливост. Јас имам некои свои капацитети за обновливи извори, но ценам дека тие не ми дозволуваат да продавам струја на некоја поголема компанија, затоа направив партнерство со бугарската компанија Реналфа, кои што имаат сопствени извори кои произведуваат околу 80 до 90 MW, јас имам капацитети со околу 35 MW и тоа ќе го здружиме. Но, од друга страна тие во моментот откупуваат околу 400 MW од сопственици на обновливи извори, дополнително и во Македонија ќе им понудиме на сите производители од обновливи извори да им ја откупиме енергијата по за нив коректни цени и тоа ќе ни даде можност да направиме еден т.н. базен од каде што еден добар дел од енергијата ќе ја продаваме по предвидливи годишни цени. Тоа ќе биде концептот на РЕС и се надевам дека ќе биде успешен и дека ќе биде добар за економијата“, истакна Анѓушев во синоќешното интервју.
Во однос на алтернативите и механизмите за справување со нестабилноста на цените на електричната енергија, Анѓушев смета дека државата треба да се води според веќе изготвената Стратегија за енергетика и дека неопходно е да се започне со реализација на проектите за искористување на домашните ресурси за производство на електрична енергија, пред сѐ во делот на обновливи извори. Вели на оваа опција треба да ѝ се даде приоритет бидејќи рудниците за јаглен во земјава се веќе пред исцрпување, додека изградба на нуклеарна централа би било тежок и долг процес кој што зависи и од голем број на меѓународни институции и процеси.
Според Анѓушев, еден од енергетските проекти кој што би обезбедил поголема стабилност на македонскиот енергетски систем ја издвојува изградбата на хидроцентралата „Чебрене“ преку јавно-приватно партнерство.
„’Чебрене’ сега е добро структуриран како проект. Но, има и една дополнителна вредност бидејќи проектот предвидува изградба на реверзибилна електрана. Како никогаш досега има вредност поради тоа што кога имате повеќе извори од обновлива енергија, тие секако се добри, но тие даваат енергија кога природата тоа го дозволува, а не кога ние сакаме. Хидроелектрани кога има вода, ветерни електрани кога има ветер, фотоволтаици кога има сонце, а нема многу начини како да ја складирате енергијата како батерии кои што се сѐ поатрактивни, но многу скапи, производство на хидроген исто така е некакво складирање на енергија. Но, суштината е кога имате такви капацитети кои што во еден момент даваат енергија, а во друг треба да ја трошат такво решение е ’Чебрене’ бидејќи се работи за реверзибилна електрана и кога имате повеќе енергија од долното езеро пумпате во горното езеро и на тој начин ја складирате енергијата односно го балансирате системот и бидејќи тоа балансирање на системот ќе има сѐ повисока цена и ќе има сѐ поважно влијание, јас сум оптимисти дека ’Чебрен’ овој пат ќе биде изграден“, истакна проф. д-р Анѓушев во синоќешното гостување на „Само интервју“ на Канал 5.
Проф. д-р Анѓушев уште еднаш се осврна и на улогата на малите хидроцентрали во изминатиот период на енергетска криза истакнувајќи дека за овие шест месеци малите хидроелектрани на државата и заштедија околу 40 до 50 милиони евра имајќи предвид дека и покрај растечките цени на електричната енергија на берзите кои достигнаа и до 300 евра за мегават, струјата од домашните мали хидроелектрани чинеше само 80 евра за мегават.
Во однос на забелешките дека изградбата на фотоволтаици за сопствени потреби е отежнато со постојното законско решение Анѓушев вели напротив легислативата предвидува едноставна постапка за одобрување на поставување на фотоволтаици, но во моментов проблем претставува набавката на фотоволтаични панели кои што имаат огромна побарувачка и непредвидлива цена.