Анѓушев: Неопходни се навремени чекори против енергетската криза во пресрет на зимата

Неопходно е да се преземат навремени мерки во пресрет на зимата за да се ублажат последиците од енергетската криза врз граѓаните и компаниите, апелира извршниот директор и претседател на Управниот одбор на „Брако“, Кочо Анѓушев, во разговор за телевизија Телма.

Според Анѓушев, кој е и претседател на Македонската енергетска асоцијација, што поскоро треба да се преземат чекори кон зголемување на домашното производство и да се обезбеди сигурен проток на електрична енергија од увоз во текот на најкритичните месеци од зимата.

„Едниот сегмент е во насока на зголемување на домашното производство и во таа насока предлагаме донесување на еден поголем сет на мерки. Вториот сегмент е во делот на меѓународната политика бидејќи енергетиката не разбира граници и она што е потенцијална опасност е ако државите почнат да се бранат себеси од затворање на крос-бордер капацитетите во текот на зимските месеци во дадени кризни периоди, како што се случи на пример во 2012 година. И во таков случај, не станува збор за цена туку станува збор дека нема да можете да ја донесете енергијата и ќе биде неопходно да се потпрете на домашното производството, кое за жал не ги задоволува потребите во Македонија особено не во зимските месеци. Мислам дека нашата држава треба уште сега да поразговара со сите наши соседи за да не дојде до такво сценарио бидејќи ние сме увозно зависна држава“, вели Анѓушев.

Тој истакнува дека неопходно е да се размислува и како индустриските капацитети полесно и поедноставно да обезбедат енергетска независност преку поставување на извори на енергија, на пример фотоволтаици или други алтернативни решенија, преку кои ќе ги задоволат сопствените потреби за електрична енергија.

За да се намали зависноста од увоз на електрична енергија, според Анѓушев, потребно е навремен увоз на јаглен за термоелектраните, но треба и да се најде модалитет како гасната електрана ТЕ-ТО, која што во текот на зимските месеци го обезбедува Скопје со топлинска енергија, да обезбедува и електрична енергија за што исто така има капацитет.

„Нејзиниот капацитет е двоен, тоа е еден сериозен инсталиран капацитет над 200 МВ, а исто така обезбедува топлина во текот на зимскиот период. Неопходно е и тој капацитет, кој што е во приватна сопственост, да се обезбеди да работи секако. Во оваа ситуација треба да се седне и да се разговара со тие луѓе да се обезбеди како тие да работат. Всушност најзагрозени и најоштетени, единствени кои што се борат на слободниот пазар се големите компании оние кои што имаат над 50 вработени и над 2 милиони евра приход тие денеска плаќаат цена на електрична енергија на берза која што достигнува и до 500 евра. Проблемот секако е финансиски бидејќи треба да се плати за да се донесе електричната енергија до земјава, но доколку се затворат границите тогаш ќе биде невозможно ниту да се донесе енергија во земјава“, истакнува Анѓушев во изјавата апелирајќи дека потребно е и навремена набавка на мазут за дел од енергетските капацитети.

Прашан дали се можни рестрикции во текот на зимата, Анѓушев нагласува дека треба однапред да се подготвиме и за најлошите сценарија и да не се дозволи било какви изненадувања кои би можеле да имаат негативен импакт врз домаќинствата и компаниите.

- Реклама -