На многу од старите згради и куќи околу Лондон, ќе наидете на знаци со натпис „Ancient Lights“, поставени под секој индивидуален пророзец.
Една од попрочуените локации каде можете да ги видите овие знаци се задните прозорци на куќите на Albemarle Way, ама ги има на повеќе места во Лондон. Ако баш сте љубопитни, еве мапа. Но феноменот не е типичен само за Лондон. Изразот Ancient Lights ќе го сретнете и во Дорсет, Кент, а и други локации низ Англија. За што всушност се работи?
Ancient Lights е всушност израз што означува „право на светлина“. Се работи за англиски закон што на сопствениците на овие прозорци им гарантира право на непопречена природна светлина низ прозорецот, под услов тој прозорец непречено да примал светлина во претходните 20 години. Со други зборови, ако 20 години ти светело сонце во прозорот, се здобиваш со статус на Ancient Lights и веќе никој не смее да ти го попречи тој прозорец, со било каква изградба или објект, било да е зграда, куќа, ѕид, ограда, па дури ни засадено дрво.
Досега има неколку примери на сопственици на прозорци со статус на Ancient Lights, кои тужеле соседи по основ на опструкција на светлината и притоа ги добиле судските спорови.
Притоа не зборуваме за целосна попреченост на светлината од прозорецот, како што кај нас знаат да ги слепуваат зградите и куќите до степен комшии да можат да си се прекачат преку балкон. Не, сопственикот на правото може да го искористи и за многу поблага варијанта на прекршок, или поконкретно, како што е наведено во законот – ако смета дека „веќе не може да ужива во светлината така непречено како што можел порано“ (цитирано од Collins Dictionary of Law).
Во законот, пак, не е наведено која е објективната количина на дневна светлина што се смета за прифатлива, т.е. минимална. Наместо тоа, прифатливиот минимум е опишан со општи изрази, како „доволно светлина според обичните потреби на човештвото“. Ваквата непрецизност на законот изроди посебни специјалисти и експерти со право на сведочење на ова поле.
Законот потекнува од Англија, од 1663-тата, а моменталната форма е базирана на таканаречениот Prescription Act од 1832 година.