Тилбури, 2016 година. Банкротирани продавници и скршени прозорци. Куќата за гости во центарот на градот е затворена и обложена со реклами за брзи кредити. „Парите се важни“, пишува на една од нив.
По масовните отпуштања во 70-тите и 80-тите години, некогашниот жив пристанишен град кој се наоѓа на 43 километри источно од Лондон, го загуби сјајот. Тилбури е една од најсиромашните населби во Англија – што во голема мера придонесе за еден од најевроскептичните резултати на референдумот за Brexit. Над 72% од избирачите тука и во соседниот град Тaрок, гласаа за излегување на Велика Британија од Европската Унија. Такви градови, каде што имаше убедливо гласање во корист на Брегзит, немаше многу.
Но, од неделата наваму, првичното воодушевување меѓу гласачите кои гласаа против ЕУ веќе почна да се топи, отворајќи простор за загрижувачки мисли за иднината на сé повеќе поделената Британија. Дел од 12-те илјади жители на малото гратче веќе сериозно се прашуваат дали не биле заведени од политичарите кои го бранеа напуштањето на ЕУ, во кампања што се карактизираше со негативни пораки и од двете страни.
„Се двоумев заради реториката, но ако можам да се премислам околу ситуацијата, би гласал за останување во ЕУ. Со сигурност би го направил тоа сега”, вели 38-годишниот Ентони Кери, додека ја лула ќерка си на новото, но празно детско игралиште.
Многу од луѓето (сé повеќе) во Тилбури се загрижени за економските последици од референдумот. Многу и од тие кои гласаа во корист на Брегзит, работат во професионални области и во компании кои ќе страдаат заради несигурноста на трговските односи со ЕУ – на пример, автомобилските производители. Повеќето од овие луѓе живеат во сиромашни региони – такви кои добиваа значителен дел од субвенциите од фондовите на ЕУ. Тилбури се надеваше да добие над 5.4 милиони евра во склоп на европскиот проект – но сега референдумот ги урна тие соништа.
Кери, кој се преселил во Тилбури пред 10 години и е невработен, коментира дека прави обиди да се преселат во општинско живеалиште во друг град. Сепак, ќе му треба многу трпение: од 165.000 жители на соседниот Тарок – 6.500 лица се на листата на чекање за сместување во станови за социјално загрозените.
„Нé тераат да останеме тука за да изгниеме”, вели Кери, алудирајќи на локалните власти и на британската влада.
За други во Тилбури, референдумот има длабоко лични последици. Веста за победата на Брегзит ја шокираше 38-годишната Кејт Кларк, но не и нејзиниот сопруг.
„Тој отиде да гласа за Брегзит и ми рече дека сум слепа штом не гледам каде оди Англија. Всушност, тој е кусогледиот, како и многу други луѓе“, коментира таа. „Познавам луѓе кои се испокараа со пријателите заради овој референдум“, додава додека се подготвува за пешачки поход до „Крајот на светот“ – еден од последните пабови во Тилбури.
Кларк, додуша, ги разбира причините кои го мотивирале сопругот на таквиот став. Во последните неколку години, мигрантите прераснаа во сé посилна конкуренција на локалните работници, што доведе до намалување на цените на услугите. Ова натера дел од претприемачите да се откажат од својот бизнис, вели таа.
„Под површината, врие“, коментира 65-годишниот Стив Лидјард – општински советник, симпатизер на опозициската Лабуристичка партија. „Гневот на луѓето е разбирлив, но тие ја обвинуваат Европската унија за проблем кој всушност е предизвикан од британската влада“, додава тој.
„Многу се радувам што гласав за напуштање“, вели 45-годишниот Најџел Фостер, додека стои до Лидјард крај локалниот паб. Фостер работи на пристаништето на Тилбури и е симпатизер на крајно-десничарската UKIP на Фараж.
„Имам видено со свои очи како имигрантите пристигнуваат тука нелегално, во контејнерите. Сега конечно можеме да ги вратиме назад во местата од каде што дошле”, вели Фостер.
„Но тоа нема никаква врска со ЕУ”, протестира Лидјард.
Пред да продолжи да прецизира дека не имигрантите се виновни за порастот на цените на недвижностите во Тилбури, туку лондончаните кои се селат кон периферните градови крај Лондон, Лидјард е прекинат од Џеј – 24-годишната ќерка на Најџел Фостер.
„Со години имам работа со полно работно време, а сепак сé уште сум принудена да живеам со родителите, бидејќи не можам да си дозволам сопствено живеалиште”, вели таа, додавајќи дека гласала против членството во ЕУ. Но, според неа, референдумот веќе ја влошил ситуацијата.
„Ние не треба да имаме можност да носиме такви одлуки. На телевизија постојано се ширеше паника. А сега е лудило, целосен хаос. Никој не знае што ќе се случи”, изјави таа.
37-годишниот Изучуку Изе, роден во Нигерија, поседува јавна перална во Тилбури. Се насмевнува додека раскажува дека локалните добро се однесувале со него во последните 8 години. Но ниту тој, ниту неговата сопруга од Полска, не ги разбираат нивните политички ставови.
„Немаат појма“, вели Изе. „Кога слушаат на телевизија дека политичари од сортата на Најџел Фараж повикуваат да ја напуштиме ЕУ, тие одат и гласаат за напуштање“.
Изе смета дека Тилбури ќе жали за таквата одлука. „Во последните два дена во пералната доаѓаат клиенти кои гласно се прашуваат: Дали го направивме вистинскиот избор?”
„Не мислам така“, им одговара Изе.
Во меѓувреме, и покрај несигурноста околу идниот статус и престојот на Владислав – имигрант од руско-естонско потекло, тој на резултатот од референдумот гледа со оптимизам, макар што одбива да се претстави со вистинското име, бидејќи се плаши дека ќе ја изгуби работата. Тој е 22 годишен готвач и во Велика Британија се доселил пред една година, благодарение на естонскиот пасош (Естонија е земја-членка на ЕУ). Тој лично, не верува дека одлуката на земјата да ја напушти Унијата ќе има сериозно влијание врз неговата иднина.
„Не сум идиот“, вели тој. „Едноставно, земјата (Велика Британија) има потреба од луѓе како нас“.