Со цел да се поттикнат повеќе граѓани да учествуваат во борбата против сивата економија, но и да се адаптира #МојаНаграда согласно ситуацијата со COVID-19 кризата, 9.7 милиони денари од наградниот фонд ќе пренасочат и ќе бидат донирани кон солидарниот ковид фонд за социо-економски мерки за справување со кризата. Меѓутоа, награди ќе добијат тројно повеќе граѓани што скенираат сметки.
Како што информираше министерката за финансии Нина Ангеловска, се зголемува бројот на награди од 1.000 денари што ќе се доделуваат на граѓаните. Во периодот од јули до декември, наместо 10 награди дневно од 1.000, 2.000 и 3.000 денари, секој ден ќе се доделуваат по 30 награди од 1.000 денари.
Промена ќе има и во месечните извлекувања од август за секое коло – наместо како досега да се доделуваат 15 награди од 100.000 денари, ќе се доделуваат 15 награди од 20.000 денари.
Месечното извлекување за јули ќе се изврши согласно постојните правила, па на 4 Јули ќе бидат извлечени 15 награди од по 100.000 денари. Ќе учествуваат сите скенирани фискални сметки во месеците април, мај и јуни.
Промена има и во главното извлекување, кое ќе се одржи на 19 декември. Наместо првично предвидените 3 милиони денари, ќе се доделат 1 милион денари.
„Купувајте македонски производи! Скенирајте! Остварете поголем поврат на ДДВ! Добијте шанса за награда… и придонесете во ревитализирање на македонската економија“, повика Ангеловска.