Ангелов: Оставка во оваа фаза би значела дезертерство, не се повлекувам од борба за целосна реформа на ЦУК

Оставка во оваа фаза поради случајот со кратовчанецот чиј живот можеби ќе беше спасен доколку институциите обезбедеа хеликоптер или барем џип, па и трактор, за да биде итно хоспитализиран, за директорот на Центарот за управување со кризи – Стојанче Ангелов, би значела дезертерство. Тој потсети дека на чело на оваа институција е само 4 месеци и порача дека нема да се повлече додека не заврши со реформите.

„Би сакал да укажам дека јас сум овде директор само 4 месеци. Средувањето на состојбата во Центарот за управување со кризи и целиот систем за управување со кризи ќе биде долготраен, сложен процес, за кој треба уште време. Јас не сум дезертер и не се повлекувам од борба. Останувам посветено да го завршам она поради коешто дојдов овде, а тоа е целосна реформа на системот за управување со кризи.

За такво нешто имам мандат и од страна на премиерот и од страна на клучните министри, а со моето именување за в.д. директор – и од целата влада“, изјави Ангелов на прес-конференција.

Тој потенцираше дека и тој и Владата се свесни за пропустите и дека интензивно се работи на нивно отстранување. Во тој контекст, информираше дека во текот на утрешниот ден е закажан завршниот состанок на работната група која работи на утврдување ан пропустите и слабостите на целиот систем за управување со кризи. Таа работна група, како што посочи, е формирана пред две години.

„Како што веќе кажав, оваа влада е свесна за слабостите во системот, во сите институции кои го чинат овој систем и работи сериозно на отстранување на овие слабости“, рече директорот на ЦУК.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој „прецизираше“ дека ќе му бидат потребни уште неколку месеци за да реализира дел од она што е неопходно за да се подобри состојбата во рамките на Центарот за управување со кризи, а за целиот систем, како што рече, ќе бидат потребни повеќе од една година.

Ангелов истовремено истакна дека се работи за проблеми што се провлекуваат подолго време, но и ги пофали претходните директори дека биле извонредни личности.

„Се работи за напластени проблеми. Претпоставувам дека знаете дека претходните директори кои раководеле со оваа институција се извонредни личности, но сите се од друга област. Јас сум првиот што е директор на ЦУК а активно сум дел од безбедноста на државата повеќе од 30 години“.

Ангелов најави и дека доколку Владата побара одговорност од него, тој ќе ја прифати, но потсети дека на раководната позиција на ЦУК е поставен за да ја заврши работата, а не на свое барање.

Воедно, покрај новинарите и медиумите, Ангелов ги повика и „сите влијателни Твитер и Фејсбук ликови кои во последно време жестоко критикуваат“, на директен разговор со него, за да одговори на сите прашања.

На прес-конференцијата, Ангелов соопшти и дека оперативецот на ЦУК од Кратово ќе се соочи со дисциплинска постапка, а информираше и за прашањата што Комисијата на ЦУК за утврдување пропусти во случајот со сточарот ги поставила до неколку други министерства.

Освен тоа, Ангелов најави и дека наскоро би требало да влезе во функција единствениот повикувачки број 112, на кој граѓаните ќе можат да се јават за било каква неволја, а оператор ќе процени и ќе ги контактира со сите соодветни служби.

 

- Реклама -