За Србија, иницијативата „Отворен Балкан“ е подобро решение од евроинтеграциите, бидејќи не би морала да се откаже од врските со Русија и Кина, оценува политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, додавајќи дека од клучно значење за иднината на проектот е приклучувањето на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Анѓелковиќ изјави дека Отворен Балкан, како принудно решение поради застојот во евроинтеграциите, ѝ дава можност на Србија да се поврзе со регионот, максимално да соработува со Европската унија, но и да ги задржи стратешките економски и геополитички партнери од истокот.
„Клучно е дали земјите од регионот ќе се приклучат. Ако се приклучат Црна Гора, Босна и Херцеговина и ентитетот Косово, мислам дека работата е завршена и ќе заживее. Ако не се приклучат, тоа е делумно решение“, изјави Анѓелковиќ.
Тој објасни дека западните земји, иако не можат директно да се приклучат на Отворен Балкан, преку оваа иницијатива не само што можат да ја компензираат европската интеграција, туку и да направат исчекор во надворешната политика.
„Членките на ЕУ не можат да бидат интегрално поврзани, можат да имаат посебни аранжмани и да бидат дополнителни мостови со ЕУ, како што може такви аранжмани да се градат и со неевропските земји од Турција до Кина, се разбира, и пред сѐ со Русија“, изјави Анѓелковиќ.
Тој тврди дека балканските земји ќе постигнат подобри меѓудржавни односи преку економска интеграција, за што, како што вели, сведочат и помирливите пораки на лидерите на Албанија, Северна Македонија и Србија од самитот во Тирана.
„Можеме да имаме економска корист, но и општествена и национална. Во рамки на таа иницијатива можат да се поврзат сите Срби, сите Албанци, сите муслимани. Накратко, на рационален начин да ги реализираме нашите национални стремежи и да напредуваме“, смета Анѓелковиќ.
МИА