„Со ратификувањето на Преспанскиот договор, постигнат со големи напори од двете соседни држави, се чинеше дека по долгогодишно одлагање патот на Северна Македонија кон почеток на пристапни преговори со ЕУ е слободен. Но, сега се заканува вето од Бугарија“, пишува германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во текст со наслов „Не сте тоа што мислите дека сте“ во кој го анализира спорот со Бугарија, пренесен од „Дојче веле“.
„Преговарачката позиција е утврдена од страна на владата и парламентот во Софија уште на крајот на 2019 година. Така, во Бугарија е широко распространето мислењето дека не постои македонски јазик, дека се работи за западнобугарски дијалект. Затоа, Бугарија сака при преговорите за приклучување, во сите документи да стои ‘официјалниот јазик на Република Северна Македонија’. Освен тоа, се работи и за повеќе јужнословенски борци од крајот на 19. и почетокот на 20. век, кои се кренале против османлиското владеење на Балканот. Тие во Северна Македонија важат за национални херои, но Софија инсистира на тоа дека тие биле бугарски херои. Се вели и дека на Балканот познатото востание против Османлиите од 1903 година, чиј центар бил македонскиот град Крушево, всушност било бугарско востание, затоа што сите Македонци тогаш во национална смисла се разбирале себеси како Бугари. Македонски национален идентитет, како што се тврди, бил создаден дури во 1944 година со диктаторски средства, во Титова Југославија, за Македонците да заборават дека ‘всушност’ се Бугари.
Сето ова, па и повеќе, Скопје ќе мора да го признае доколку сака во ЕУ, е смислата на бугарскиот став“, наведува весникот, додавајќи дека С. Македонија исто така веќе не смее да тврди ниту дека има македонско малцинство во Бугарија, како и дека се бара да престане да го опишува периодот од 1941 до 1945 година како фашистичка окупација.
„Меѓутоа, се поставува прашањето, што друго бил тој период, ако не тоа? Бугарија во 1941 година, како јуниор-партнер на Хитлер, учествувала во нападот врз Грција и Југославија, поради што, како награда, смеела, меѓу другото, да окупира големи делови од денешната држава Северна Македонија. Во Бугарија, меѓутоа, до денес е раширен ставот дека овие територии не биле окупирани, туку биле ‘ослободени’.
Притоа, бугарските историчари честопати, особено во учебниците, забораваат да споменат дека како последица на таквото ослободување, во 1943 година, од страна на во земјата стационираните бугарски ослободителни власти, биле товарени во возови и депортирани во Треблинка околу 7200 македонски Евреи, од кои најголемиот дел таму и загинале“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
По делот во текстот во кој се посочува политичката конотација во Бугарија и каде Красимир Каракачанов е посочен како главен подбуцнувач на спорот со Македонија, весникот доаѓа до следниот заклучок:
„Оној кој веруваше дека во Европа не може да има поапсурден конфликт од оној кој го разгоре Атина – во меѓувреме барем политички надминатиот ‘спор за името’ помеѓу Грција и Северна Македонија, наскоро би можел да види дека тоа сепак е можно. Цената ја плаќаат Македонците“, констатира весникот. Целиот текст прочитајте го ТУКА.