Анализа на Богојески за „БГНЕС“: Структури кои не ни мислат добро се обидуваат да ја политизираат историјата

Вештачкиот спор меѓу Македонија и Бугарија имаше за цел да ја прекине меѓусебната соработка, но со потпишувањето на Договорот со Бугарија не само што се обезбедуваат одлични перспективи и позитивно се регулираат односите меѓу двете земји, туку се промени и целата регионална политика на Балканот, пишува во анализата за бугарската БГНЕС предводникот на реформското крило во ВМРО-ДПМНЕ – Петар Богојески.

Според него, Преспанскиот договор бил овозможен како одговор на Договорот со Бугарија и и двата се подеднакво важни за отварањето на македонската евроатлантска перспектива. Оттаму, смета Богојески, Договорот со Бугарија во клучен момент ја извадил државата од можните негативни сценарија по нејзината државност како последица на преговорите меѓу Белград и Приштина.

Богојески е убеден дека Бугарија исто така има голема корист од интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, но притоа смета и дека е многу важно да се заштити историската вистина од политизација.

„Двете држави категорично се согласија со Договорот за нашето заедничко минато. Многу е важно да ја заштитиме историската вистина од политизацијата. Структурите во двете земји, кои не ѝ мислат добро на нашата заедничка европска иднина, се обидуваат да ја политизираат историјата, предизвикувајќи нови недоразбирања меѓу нас. И во двете земји тие се согласни околу ‘штетата’ од Договорот и се стремат кон негово преразгледување. Тие предложуваат некакви анекси кон договорот, а мотивот за тоа лежи вон националните интереси на двете земји, туку во личните интереси на ‘заинтересирани лица’.

Заедничкото славење на големиот национален празник Илинден е голема чест за нас во Македонија, смета Богојески. Двете земји се „просто осудени“ да се заедно во рамките на Обединета Европа и границите меѓу нив конечно да исчезнат, додава тој, и изразува надеж дека во иднина нештата ќе се подобрат и Македонија и Бугарија ќе имаат и заеднички национални прослави, а не само политички настани.

Извор: БГНЕС

 

- Реклама -