Анализа на Апасиев на новата Влада: „Табиетот на властодржецот е половина закон“ (ВИДЕО)

Во новата Влада има 10 министри од СДСМ, 6 од ДУИ, еден од ЛДП, еден од БЕСА и двајца од ВМРО – вака ја започна својата политиколошка анализа на новата влада пратеникот од Левица – Димитар Апасиев, во синоќешното обраќање на собраниската седница на која се дискутираа предлозите на мандатарот Зоран Заев, кои подоцна и беа избрани со 62 гласа „за“ и 51 „против“. Според Апасиев, двајцата министри на ВМРО-ДПМНЕ се Никола Димитров и Венко Филипче, или, како што тој ги нарече, „министерот за еуфундаментализам“ и „министерот за задгробен живот – советник на чуениот министер за смрт“.

Апасиев посочи и дека во овој владин состав има најмногу економисти во историјата на една влада – осум, потоа четворица правници, тројца лекари, еден архитект, еден електро-инженер, еден новинар, еден социјален работник и еден историчар.

Во поглед на етничката застапеност, Апасиев истакна дека 12 се Македонци, а 8 се Албанци, при што констатираше дека во овој состав, историски гледано, е највисок скорот на Албанци „Се чудам зошто нема Турци, зошто нема Роми – како едно од најмаргинализираното малцинство, зошто нема Срби или Власи“, додаде тој.

Апасиев истакна и дека во поглед на родовата застапеност има 16 мажи и само 4 жени, при што додаде дека „во поглед на сексуалната и религиската припадност не би навлегувал“, зашто тоа е „интимно прашање“.

Претседателот на Левица го критикуваше и, како што рече, рекордниот број на вицепремиери, при што укажа дека според Уставот, таква функција не постои:

„Тука сакам да прочитам една одлука на Уставниот суд која датира од 2017-та, а првичната е од 1993 година, којашто ние од Левица тукушто основани ја поднесовме, а вели: Во одредбите на Уставот и Законот за Влада произлегува дека владата ја сочинуваат Претседател на Владата и министри, и дека не постои функцијата потпретседател на Влада. Согласно нашиот Устав, ние немаме потпретседатели на Влада. Оваа одредба двапати ви ја буткавме на Уставен суд, а вие си ја вративте со тоа што направивте терминолошка измена, вклучувајќи ги вицепремиерите, и ги нарековте ‘заменици’, онака како што е правнички коректно. Но, во што е штосот: Во тоа што тие четири заменици ќе имаат неколку коефициент појак на плата“, рече Апасиев, кој се понуди Левица, иако „банкротирана партија“ поради стечајот на Еуростандард банка и заробениот депозит, од следната тура средства од буџетот што ѝ следуваат, да го покрие тој коефициент на четворицата вицепремиери, а со цел, како што истакна, Заев и Владата „да не одат спротивно на одредбите на Уставот само за коефициент на плата“ и „да не се брукаат измислувајќи функции кои не постојат во нашиот уставен поредок“.

По статистичката анализа на кандидатите за министри и мандатарот (на кои на почетокот на обраќањето им се обрати со „почитувани гости“ затоа што, како што истакна, покрај слуги на народот, тие се гости во законодавниот дом), за кои Апасиев оцени дека се одликуваат со „гола амбиција и статистичка просечност“, тој пристапи кон, како што самиот рече, структурна критика на новата влада.

„ЗАЕВИЗМОТ КАКО НАЈВИСОК СТАДИУМ НА ГРУЕВИЗМОТ“

Во поглед на првото, политолошко ниво, Апасиев зборуваше за „заевизмот како највисок стадиум на груевизмот“. Истиот, според него, има три клучни карактеристики, од која првата е „хибриден режим“:

„Оперираме со неколку термини. Првиот е она што во времето на Грувски беше ‘заробена држава’ од извештајот на Прибе. Сега го викаме ‘хибриден режим’, значи терминолошки малце сме напреднале. Заедно сме, на пример, со Сенегал, со Мозамбик и со Пакистан во иста група“, рече Апасиев, по што се повика на старогрчкиот философ Ксенофонт, кој, како што истакна, хибридниот режим го нарекува „тиранија“ и „најопак од сите државни уредувања“. Притоа Апасиев ги наведе четирите одлики кои според Ксенофонт карактеризираат една „тиранија“, а ги поседува и „хибридниот режим“:

1. Доминација на приватните и бизнис интереси над јавниот интерес – концентрација на моќ и богатство кое доведува до карактерно расипување на носителот на функција, кој од властелин станува властодржец.

Овде Апасиев го цитираше и Монтескје, според кого „табиетот на властодржецот е половина закон“. Тој појасни дека ова се однесува на одмаздољубието и реваншизмот како структурно насилство, а како пример ги посочи нарачаните инспекции на фирмите. Како конкретен пример, Апасиев посочи дека УЈП им правела инспекција на сите фирми кои донирале пари за Левица.

Прочитајте и:  Левица поднесе интерпелација против Илире Даути за блокадата на законот за бранители

„Табиетот на овие нови властодршци ќе биде во иднина исто така половина закон. Ќе има тендери, ќе има рекети, ќе има провизии. За тоа, да не се лажеме“, рече тој.

2. Арбитрарност и страховлада

Спротивно на народната волја, има фасада/обланда од убаво владеење, а во позадина има силеџиско владеење, политички затвореници, прогонувани новинари, и затвор за Фејсбук статуси, објасни Апасиев, потенцирајќи дека не се сеќава во времето на Груевски некој да лежел затвор за Фејсбук статус.

Овде Апсиев искористи и цитат од философот Жан Жак Русо, според кого „еден народ станува славен и ценет тогаш кога законот, а не премиерот, ќе стане главен владетел на луѓето“.

3. Напната и нездрава завереничка атмосфера

„Опкружен со мафијаши и телохранители, властодржецот нема никаква жиснорадосност и среќа, неговата психолошка состојба е мошне очајна и многу променлива“, продолжи Апасиев цитирајќи го Ксенофонт, при што ја посочи Левица како пример на „агит-пропагандата“ според која тие се руски шпиони, фашисти и слично.

4. Некадарна администрација составена од Потемкиновци – чиновници подлизурковци, клиентелисти, коишто ќе доведат само до здивена висока корупција

Овде Апасиев ги посочи грешките со знамињата на државите при пречекот на делегациите, од страна на Протоколот, но и телефонските разговори со лажниот Порошенко и лажната Грета Тунберг, кои беа карактеризирани како „хибридни напади“. И едните и другите, рече Апасиев, се резултат на кадар неспособен да ја извршува оваа висока државна позиција.

Втората одлика на заевизмот, според Апасиев, е лилипутантски синдром, односно лузерски и сервилен однос кој стимулира сервилен менталитет не само кон странците, туку и кон домашните:

„Нема преговори од кои мандатарот не излегол како поразен. Земете ја Грција, земете ја Бугарија, па земете го и ДУИ како пример ако сакате, коишто преку уцена му зема огромен број на ресори“, посочи пратеникот на Левица.

Третата одлика на заевизмот, според Апсиев, по која по ништо не се разликува од претходниците, е неолибералната економија. Односно, како што појасни, тоа е бруталната редукција на јавното, приватизации, концесии, јавно-приватни партнерства, зголемување на класните разлики. Притоа Апасиев истакна дека Македонија е класно најраслоената земја „од Ирска до Казахстан“ и дека „НАТО не му помага и не му ги плаќа сметките на народот“.

„ПАДНАТИТЕ АНГЕЛИ НА СОРОС“

Во второто ниво на критика, Апасиев се осврна на она што Левица го нарекува „енџио-изам“ односно невладините организизации (од NGO т.е. Non-Governmental Organisation).

„За првпат имате толку паднати ангели на Сорос како министри. Тука ќе го вброиме Бојан Маричиќ, Мила Царовска од сороспиското крило и Артан Груби од ова некое амбасадорско лоби. И чудо, овој последниов го ставате за министер за политички систем и односи меѓу заедниците, оној кој е хушкач на меѓуетнички тензии, оној кој се тепаше на Кале кадешто гледавме слики сите, сега тој ќе треба да ги помирува, веројатно преку ќотек ќе оди помирувањето на овие етнички заедници.

Значи, од невладин, пола од тој сектор стана владин сектор, станаа цицачи на новиот режим и станаа Фејсбук милиционери кои во работно време следат кој што напишал на Фејсбук, како една полиција на мислата и како едни вазални владини загарчиња, кои станаа недоквакани wanna-be интелектуалци, некои од нив се и со промашени професии кои не успејаа да влезат на Правниот факултет во Скопје, и создадоа една своја зачаурена петта колона, како платен енџио активизам со странски пари за коишто нема ништо свето, туку сѐ е бруто или нето, како една црвенобуржујска клика која има политичка релативност и безидеологичност. Значи, овие шарени револуционери на фразата живеат во еден свет којшто е оттуѓен од стварноста и затоа е таков алиениран“, рече Апасиев, по што додаде:

„ …бидејќи некој ја спомна претходно: Колеги, Шарената револуција не беше предавничка, таа беше предадена“.

- Реклама -