Ана и Игор Дурловски со оркестарот „Ајга“ приредуваат незаборавна вечер во чест на Охридското лето

Македонската музичка традиција синоќа одекна во својата најавтентична и најемотивна форма на сцената Долни Сарај, за време на фестивалот „Охридско лето“. Врвните уметници Ана и Игор Дурловски настапија во придружба на Оркестар „Ајга“.

Пред бројната публика, која со долг аплауз го поздравуваше секој тон, беа оживеани некои од најубавите бисери на македонското музичко наследство, во нови аранжмани изработени од Сони Петровски. Концертот понуди внимателно конципирана музичка програма, во која се споија традицијата, емоцијата и современиот сценски израз, создавајќи вечер исполнета со силни уметнички возбудувања.

„Ова е дел од нас, дел од нашата душа, дел од нашата култура – дел од нашиот идентитет како уметници. Станува збор за прекрасен проект кој е навистина уметнички издржан. Не само што нè исполнува како Македонци, туку нè исполнува и како уметници. Наша обврска и задача е секој македонски уметник да ги негува и изворното творештво и современата музика, која еден ден ќе стане дел од нашето историско и културно наследство. Затоа, тоа треба да биде составен дел од програмата на секој македонски уметник“, изјави Ана Дурловски.

Публиката уживаше во безвременските песни како што се „Си заљубив едно моме“, „Ленка Пингова“, „Што да правам, што да чинам“, „Нели ти реков моме Донке“, „Ој ти момче Охриѓанче“, „Невеста жито требеше“, „Дејгиди луди млади години“, „Излегу да се мамо рашета“, „Кажи Анѓо“, „Стојне бре Стојне“ и „Назад, назад Калино моме“, кои во интерпретација на Ана и Игор Дурловски добија нова димензија.

„После долго размислување, заклучивме дека „Македонски љубовни песни“ е најсоодветниот наслов за овој проект. На почетокот го носеше работниот наслов „Песни од срцата“. Изборот на репертоарот беше навистина тежок, бидејќи при истражување на македонските архиви увидовме дека преовладав ни песни со потешка тематика, додека љубовните песни беа значително помалку застапени. Сепак, се обидовме да ги одбереме најромантичните, најубавите и најмелодичните, и верувам дека направивме одличен избор“, порача Игор Дурловски.

За Ана и Игор Дурловски, настапот на фестивалот „Охридско лето“ секогаш претставува посебна ч чест и големо задоволство. Тие истакнуваат дека фестивалот има големо значење за нивните уметнички кариери и дека секој пат кога се враќаат на неговите сцени, тоа е вистинска привилегија.

Концертот покажа дека македонската музичка традиција може да добие современ сценски израз, без да ја изгуби својата автентичност. Оркестар „Ајга“ со внимателно изведени аранжмани внесе свежина во познатите мелодии, задржувајќи го нивниот препознатлив дух.

Во уникатниот амбиент на Долни Сарај, под отвореното охридско небо на брегот на Охридското Езеро, концертот прерасна во вистинска прослава на македонската музичка култура. Публиката со стоечки овации и бурен аплауз им се заблагодари на уметниците за исклучителната вечер, која ќе остане запаметена како едно од највпечатливите музички настани на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“.