Американците: Чоколадно млеко се добива од кафени крави

Чоколадно млеко е проклето вкусно. 29% од луѓето признаваат дека си ги користат децата како изговор за да си купат чоколадно млеко и за себе. Голем број признаваат и дека на шишињата со чоколадно млеко им ставаат онакви спортски капачиња на извлекување, за да не мораат да ги отвараат и затвараат на секое помини-замини до фрижидерот.

Толку вкусно, а и рецептот е едноставен. „Чоколадно“ и „млеко“, ви текнува? Е па, излегува дека на еден преголем куп луѓе не им текнува – не знаат од што се добива и прави чоколадно млеко.

Во студија на Американскиот иновациски центар за млечни производи, спроведена врз 1.000 испитаници, се покажува дека 7% од Американците веруваат дека чоколадно млеко се добива од кафени крави. К а ф е н и   к р а в и . . .

И не, не зборуваме за деца. Зборуваме за луѓе на возраст од над 18 години. Е океј, 7% не се… многу… Сите си имаме свои 7%, нели?

Ама чекајте. Испадна и дека 48% од испитаниците рекле дека не знаат од каде доаѓа чоколадното млеко. Да! 480 луѓе од 1.000 не знаат дека чоколадно млеко се прави со ставање на „чоколадо“ во млекото (иако неточен, дури и тој одговор би им го признале повеќе од „не знам“). А ако ги пресликаме тие 48% на целата американска популација, тоа се 16.4 милиони луѓе.

Прочитајте и:  Американците со уплав од Трамп гуглаат како да се преселат во Канада, Нов Зеланд, Австралија...

Со самиот факт што не гукнале барем „чоколадо“ и „млеко“, ние си земаме за право да ги фрлиме овие 48% во истиот кош со тие 7%. Разликата веројатно е во тоа што овие 48-те имаат налетано на кафена крава што дава бело млеко, инаку вон тоа се подеднакво збунети.

Теоретски, кога овие 1.000 испитаници би имале своја држава, тие 55% ќе одлучат кој да биде претседател. Тие 55% што не знаат од каде по ѓаволите доаѓа тоа фамозно чоколадно млеко – тие ќе изберат власт…

А и да е само млекото. Во исто така неодамнешна студија, се покажа и дека речиси 1 од 5 Американци не знаат ни дека хамбургерите се прават од говедско месо.

Сесили Аптон од непрофитната FoodCorps се обидува колку толку да ги одбрани незнајковците, истакнувајќи дека проблемот едноставно лежи во изложеноста.

„Во моменталната ситуација, условени сме да мислиме дека кога ти треба храна, одиш во продавница. Никаде во нашата едукативна мрежа децата не учат од каде доаѓа храната пред таа етапа“.

А очигледно, многумина не ги ни интересира. Заради такви родители, и ден денес има деца во САД што не знаат дека помфрит (French fries, по нивно) се прави од компири. Или дека кисела краставичка е сепак – краставица.

„Знаењето е моќ“, вика Сесили. „Глупоста е помоќна“, вика реалноста.

- Реклама -