Доволно е да го погледнеме Обама и веднаш станува очигледно дека да се води една земја не е лесна задача. Да, одиш на фенси забави, имаш приватен авион и персонал да се грижи за сите твои потреби, од приватен готвач па до целосен медицински тим. Сепак, не секогаш бенефитите го надминуваат огромниот стрес што доаѓа со одговорноста да се биде државен, или уште полошо, светски лидер, како во случајов.
Во текстов, освен што ќе подобјасниме малку повеќе на темата, ќе имате можност и да направите „пред“ и „потоа“ споредба на уште неколку други американски претседатели.
Една студија објавена во Британскиот медицински журнал проба да го квантифицира товарот на една таква одговорна позиција. Истражувачите споредиле 270 државни лидери од 17 земји, од една страна, со контролна група од 261 кандидати кои се обиделе, но никогаш не стигнале на претседателското место, од друга. Зборуваме за долг период на анализирани избори – од 1722-та до денес.
Откако била земена во предвид возраста на кандидатите и очекуваната должина на животот, тимот истражувачи нашол значајна разлика во смртноста: избраните лидери живееле 2.7 години пократко и имале повисок ризик од смрт во споредба со нивните противкандидати. Заклучокот е дека претседателската функција се одразува со порана смрт.
Претходните студии даваа неконзистентни резултати по ова прашање. Токму затоа, во ова истражување, аналитичарите не ја споредуваат должината на претседателскиот живот со животниот век на генералното население, туку со луѓе слични на нив – другите кандидати. Се разбира, ова е во контекст на фактот дека државните лидери се мошне привилегирана багра и обично го надживуваат просечниот народ. Анупам Јена, предводник на студијата, објаснува:
„Луѓето што се кандидираат на избори имаат повисок социо-економски статус и подобар пристап до медицинска нега отколку генералната популација. Затоа сакавме да погледнеме во луѓе што веројатно уживале ист социо-економски статус како лидерот, а тоа се кандидатите што не победиле на изборите“.
Јена истакнува дека нивната студија е пред сé опсервациона и не навлегува во причините зошто постои таквата разлика. Но, како што смета тој, стресот и исцрпеноста, и ментална и физичка, кои се неразделен дел од претседателската функција, не се единствената причина за цената по здравјето на државните лидери, иако се доволни за да го објаснат пократкиот животен век. Другиот важен фактор е и што лидерите немаат доволно време за да негуваат здрав живот и да внимаваат на своето здравје.
…А да, атентатите. Иако општото мислење би било дека имаат голем удел во пократкиот претседателски животен век, тоа не е случај. Земени се во предвид и во ова истражување, но всушност се толку ретки што резултатите воопшто не варираат ни кога атентатите се изоставени од анализита, ни кога не се. Што ќе рече Јена, „природната смрт е убедливо најчеста“ во кругот на државните лидери.
И уште еднаш Барак Обама, како најочигледен пример.