Голем број од баровите во центарот на Рејкјавик изминатиов викенд останале без пиво, откако биле посетени од американските маринци и морнари кои учествуваат во воената вежба на НАТО наречена Trident Juncture 18 – најголемата НАТО вежба од Студената војна наваму, пренесува американското воено списание Stars and Stripes.
На пат кон Финска и Норвешка, околу 7.000 американски морнари и маринци застанале да протегнат нозе на попатни вежби и одмор во Исланд, кој, за потсетување, има население од околу 340.000 луѓе. Понатаму, можеме да претпоставиме како се одвивале „вежбите“ – едно пиво за успешни вежби, друго за по пат, трето против Русија, четврто за мир во светот… и Рекјавик останал без пиво.
Американските војници порадо се определувале за локални пива и преферирале да ги пробаат домашните, ама не одбивале ни пива од стандардната понуда на баровите во Рејкјавик, наведува американското списание повикувајќи се на локалните медиуми. Во превод, баш и не пребирале – дај шта даш, само пиво нека е.