Американската ДЕА отвори канцеларија во Тирана за да се бори против трговијата со дрога и перење пари

Американската Агенција за борба против наркотици – ДЕА (Drug Enforcement Administration – DEA) отвори канцеларија во Тирана, од каде ќе се бори против трговијата со дрога и перењето пари поврзани со дрогата, а со цел подобра иднина на албанските граѓани, соопшти Американската амбасада во Албанија, јави abcnews.al.

Во соопштението се повикува „секој кој има сознанија или информации за случаи на трговија со дрога“ истите да ги пријави, а притоа, како што се наведува, ќе му се гарантира „целосна анонимност”.

Како што наведуваат албанските медиуми, борбата против трговијата со тешки дроги во земјите од Латинска Америка е таа што ја донела ДЕА во Тирана, а офицерите на американската агенција против наркотици, како што е соопштено, се веќе стационирани во главниот град во Албанија, каде ќе имаат „континуирана координација со регионалните канцеларии и другите истражни органи“.

Прочитајте и:  САД поддржуваат се што Израел прави против Хезболах, но молчи за тоа

Во соопштението се потенцира и дека, според својот фокус, ДЕА има за цел да го пресретне секој товар со дрога што се движи низ поморските, воздушните и копнените патишта меѓу земјите.

Инаку ДЕА од јануари минатата година доставува информации до Италија, Грција и Албанија за движењето на контејнерите полни со дрога, чија крајна дестинација била Албанија или другите земји од регионот. За првпат ДЕА беше присутна во Тирана во јуни, кога големи количини кокаин од Еквадор беа транспортирани кон Албанија.

Извор: МИА

- Реклама -