Амди свика прес за да потврди дека е со власта (ВИДЕО)

Пратеникот Амди Бајрам денеска свика прес-конференција по повод, како што рече, шпекулациите во медиуми и портали дека тој преговара со ВМРО-ДПМНЕ. Бајрам демантираше дека има било какви разговори со опозициската партија:

„Јас сум во коалиција со СДСМ и останувам и понатака во коалиција со СДСМ и сакам сите портали, медиуми и новинари, ако има нешто, вакви работи, да контактирате со мене и да ве известам. Вака во јавност, не е у реду, не треба компликации некој да ми ствара, и мене и на мојата политичка партија“, порача Бајрам и побара да се извини тој што ги шири таквите шпекулации.

Прашан дали неговата многу повторувата изјава – дека секогаш е со власта, ќе значи дека по изборите ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, Бајрам одговара:

„Видете, паролата на Сојузот на Ромите е, увек, и јас како пратеник од увек сум бил, ја сум кажал, тоа не го кријам, јавно на говорница сум го кажал, увек треба да бидам со власта. Но јас, гледајќи ја целата ситуација, бев во тој брод. Титаник пропадна, нормално, во другиот брод пројдов и нормално, успешна и добра соработка има со СДСМ“.

Прашан дали ако потоне и овој брод, повторно ќе се врати на првиот брод, Бајрам одговори:

„Тоа… О том – потом. Сега сум во коалиција и останувам и му дадов на претседателот на лидерската средба поддршка дека на избори идеме заеднички. Значи не идам со никого, останувам со Социјалдемократскиот сојуз. Било што било некад“. Видео ТУКА.

- Реклама -