Амбасадорот на Франција, Риголе, во Собранието: Исклучително е важно да се деблокира процесот за пристап на Македонија, што е во интерес на сите засегнати.

Според информациите од собраниската прес-служба, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, истакнал дека целта за полноправно членство на нашата држава во Европската унија не е само политичка декларација, туку и конкретен чекор кон исполнување на потребните реформи.

Здравковски се осврнал на улогата на Собранието во процесот на интеграција, нагласувајќи ги надлежностите на Комисијата во оваа сфера.

Амбасадорот Риголе нагласил дека во последно време се интензивирала билатералната соработка, вклучувајќи и соработката на ниво на парламенти. Притоа, тој ја истакнал важноста на Франција во поддршката на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, особено во контекст на актуелните геополитички промени.

Францускиот амбасадор упатил и на значењето на правилната интерпретација на компромисот од 2022 година, познат и како француски предлог, нагласувајќи дека е клучно да се деблокира пристапниот процес за нашата држава, што е од интерес за сите учесници.

Тој оценил дека за Македонија е од големо значење да се приклучи на добриот воз во процесот на проширување, заедно со земјите што напредуваат брзо.

Пратениците од Комисијата за европски прашања и францускиот амбасадор размениле идеи и за спроведувањето на Реформската агенда, истакнувајќи ја одговорноста на сите политички фактори во процесот на интеграција во ЕУ, како и важноста на приоритизацијата на реформите во клучни области, како што се владеењето на правото и правата на малцинските заедници.