Мирзакарим Санакулович Норбеков е узбекистански писател, и пред сé, промотор на користење на алтернативна медицина. Во 1998-та година, во Москва, Норбеков го создава Институтот за човеково самолекување. Според официјалните соопштенија на институтот, свои претставителства има во 28 држави во светот, меѓу кои и Русија, балтичките држави, Европа, Северна Америка и Израел, а тренинг-курсевите ги поминале повеќе од 2.5 милиони луѓе.
Од друга страна, иако тврди дека е академик, неговото име не се наоѓа на списокот со академици на Руската академија на науките. На методите на Норбеков, дел од академските кругови гледа како на псевдо-научни и недокажани, а има и такви што неговиот институт го споредуваат со психокулт, окултна алтернативна медицина и псевдо-суфизам.
Сепак, да видиме што има Норбеков да каже:
„Сега да видиме како делува имагинацијата. Како влијаат сомнежот или вербата во излекувањето. Да го разгледаме проблемот преку „сликата со лимонот“.
Сместете се удобно. Замислете убав сочен лимон. Земете го во рака, почувствувајте ја неговата малку груба порозна тврда површина, почувствувајте ја неговата тежина, обемот.
Замислете ја бојата, мирисот, отсјајот на светлината по неговата површина. Приближете го до лицето и длабоко вдишете му го мирисот. Сетете се на неговата влажна, сочна внатрешност. Замислете дека ја отворате устата и гризете големо парче.
Сега да видиме како реагира организмот на овој имагинарен лимон. Ви се исполни устата со плунка, нели?
Вистинското прашање е: Ги управувате ли жлездите? Им велите ли: „Ајде, произведете плунка!“ Му велите ли на стомакот: „Ајде, лачи желудочен сок!“
Ништо од тоа не правите, едноставно си замислувате дека јадете лимон, и тоа е сé. Останатото организмот го прави без ваше учество. Стомакот веќе се подготвил да го свари непостоечкиот лимон и сега ви е лут и погледнува нагоре кон хранопроводот: „Нели ми вети лимон! Каде е?“.
„Сликата на лимонот“ е еден од механизмите кој е во основата на нашето самолекување.
Принципот на мозочната активност на зрелиот човек е општ: мозокот работи преку посредници, какви што се зборовите. Зборот „здравје“ е посредникот преку кој вие сакате да го поседувате она што го нарекувате здравје.
Сега затворете ги очите и замислете го здравјето. Што ви се појавува во главата и во телото? Ништо!
Ајде да учествуваме во уште еден мал експеримент на тема „Сакам да сум здрав“.
Со затворени очи замислете голем сочен бенгалски орев, отворете ја устата и загризете голем залак! Џвакајте, џвакајте, џвакајте до крајот на светот! Што се случува?
Знам точно какво прашање се појавува во вашата глава: „Што е бенгалски орев?“ Ќе ви го опишам колку можам поточно и појасно: ѓавол ќе го знае каков е! Ако знаев ќе ви го опишев. Но, всушност, сам го измислив.
Кога си ја поставувате целта „Сакам да сум здрав“, организмот паѓа во недоумица на ист начин како вие сега од „бенгалскиот орев“ и прашува: „Што е ова? Повели, кажи што сакаш. Опиши ми го на разбирлив јазик“.
Зошто организмот реагира на „лимон“? Зошто додека мислите за лимони, го замислувате обемот, тежината, бојата, мирисот? Која е разликата со болниот, кој вели дека сака да е здрав и го збунува организмот? Што точно сака?
На секоја ваша изјава од типот „Сакам да сум здрав“ организмот реагира со „не разбирам“.
Зборот „здравје“ за него е абракадабра, бидејќи се однесува на секундарниот сигнален систем кој делува многу слабо во областа на оздравувањето.
А од зборовите „Имате лебарка во гаќите“ веднаш ви лазат морници, нели? Ако не, фатете една дебела лебарка и пуштете си ја во гаќите. Видете како е. Е така! Сепак, и без експеримент сте го доживеале речиси совршено! Бидејќи сте виделе лебарки, а носите и гаќи, веднаш реално ја замислувате сликата и настанува реакцијата.
Еве тука најдов уште една законитост при борбата со болеста. Од добрата намера, од добриот стремеж да сте здрав, вие завршувате за никаде. Внимание! Кога почнувате да работите на видот (или друг проблем), поставете си јасна, прецизна и конкретна задача. Организмот веднаш ќе почне да ја спроведува.
Создавајќи ја вештачки сликата на оздравување, создавајќи ја радоста дека ќе се излечите, вие почнувате свесно да управувате со организмот, бидејќи му давате одредена задача. Тој е принуден без противење да се потчини и да исполни.
Во „сликата со лимонот“ не ни помисливте на плунката, таа се појавува сама. Организмот реагира на зборот. Заклучокот е: мислата и сликата се материјални. Преку сликата го совладувате управувањето на целиот организам. Ова е вашата примарна цел.
А сега уште една подготвителна вежба – „Сликата со петте прсти“. Кренете ја дланката пред лицето и изберете еден од прстите на раката. Гледајте го внимателно. Изучувајте го детално од сите страни. Предајте му ги мислите преку очите, преку душата, преку духот. Вложете ги најсветлите и најискрени желби во оваа вежба. Не ја заборавајте насмевката.
Што забележувате? Што чувствува овој прст во споредба со другите? Дали забележувате дека чувствата сé повеќе го издвојуваат од останатите прсти? Со што точно? Што чувствувате? Топлина? Тежина? Бодеж? Подувување? Пулсирање? Токму така. Можеби имате и други индивидуални сензации.
Некои курсисти велат: „Го чувствувам само овој прст. Останатите како да ги нема“.
Насочувањето на вниманието кон одреден дел од телото предизвикува вклучување на дополнителни рецептори и ја зголемува неговата информативност. Вниманието ви ја менува чувствителноста таму каде ќе го наведете. Вие влијаете на предметната дел, и тоа не само позитивно, но и негативно – зависно од емоциите и мислите кои ги вложувате.
Тоа е таканаречената „идеомоторна реакција“ – организмот реагира на соодветните мисли.
Или друг пример.
Сте се капеле ли некогаш во река или во море? Се разбира, да. Тогаш затворете ги очите и замислете си топло пладне. Сино небо, водата искри под зраците на светлото сонце, прелетуваат галебите, во далечината се белее едрилица, слушате музика. Децата радосно се надвикуваат на брегот.
Влегувате до рамена во водата. Брановите се натпреваруваат да го помилуваат вашето тело. Замислете го моментот појасно и вашето тело ќе одговори. Каква радост! Лесниот ветер ви дувка во влажното лице.
Затворете ги очите и замислете како стоите во водата. Минува глисер, ви се приближува голем бран. Вие го чекате, задржувајќи го здивот. Доаѓа и втор бран. Што чувствувате? Лесно бранување на водата и студена сензација среде топлиот ден!
Тоа е идеомоторната реакција. Секоја клетка во телото одговара на мислите. Значи, увереноста во ефектот се одразува на целото тело, на секоја клетка.
Кога си верувате дека сте „човек“, во метафорична смисла на зборот, кога знаете дека сте најубавата жена на земјата и дека сте маж на место, тогаш и надворешноста, и однесувањето, и резултатите од секој ваш напор ја рефлектираат вашата внатрешна состојба.
Мислата е материјална, драги мои, не го заборавајте тоа! Не за џабе древните мудреци рекле: „Пред да помислиш – размисли!“ – завршува Норбеков.
Извадок од: „Искуството на еден будала, кој научил како да се избави од очилата“, на Мирзакарим Норбеков.