Алонсо: Навикнат сум да немам најдобар болид

Алонсо: Навикнат сум да немам најдобар болид

Двократниот светски шампион во Формула 1, Фернандо Алонсо, на интересен начин ја анализираше тековната сезона и потешкотиите со кои се соочува Астон Мартин во 2024 година. По одличниот настап минатата сезона, тимот годинава значително загуби чекор со лидерите и се најде во средината на поредокот.

„Не ми е тешко да ја задржам мотивацијата. Постојано се натпреварувам и веќе сум навикнат да немам најдобар болид. Во текот на 25 години во овој спорт,само еднаш сум имал најсилна машина – кога возев за Тојота во Светскиот шампионат во издржливост. Така што, дефинитивно не ми недостасува мотивација,“ изјави Алонсо.

Шпанецот исто така посочи дека новиот календар на Формула 1, кој во 2024 година содржи 24 тркачки викенди, не остава простор за опуштање. Според него, секој возач што покажува знаци на замор или пад на форма најверојатно има некакви потешкотии.

Во меѓувреме, падот на формата на Астон Мартин се поврзува со забавениот развој на болидот во споредба со конкурентите како Ред Бул, Мерцедес и Ферари, кои во текот на сезоната воведуваат значителни подобрувања. Тимот напорно работи на нови надградби со цел да се врати во борбата за врвот,но останува да се види дали тоа ќе биде доволно за вистински пресврт во сезоната.