Алкараз го освои Париз со неверојатен пресврт против Синер

Вториот тенисер на светот, Карлос Алкараз, триумфатно го освои Ролан Гарос. Во финалето на Отвореното првенство на Франција, Шпанецот со неверојатен пресврт успеа да го победи Јаник Синер со 3:2. Резултатот по сетови беше 4:6, 6:7(4), 6:4, 7:6(3), 7:6(10:2).

Оваа средба се запиша во историјата како втор најдолг натпревар во финалињата на Гренд слем турнирите, со времетраење од 5 часа и 29 минути, што го прави најдолгиот финален натпревар на Ролан Гарос.

Најдолгата средба до сега е онаа помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал во Мелбурн во 2012 година, која траеше 5 часа и 53 минути.

Овој триумф е петти Гренд слем трофеј за Алкараз и втор на Ролан Гарос, а во неговата колекција се и еден Отворен турнир на САД и два Вимблдон.

По враќањето на теренот по паузата поради допинг, Синер лесно стигна до финалето во Париз, за разлика од Алкараз, кој имаше многу потешкотии.