Новите капацитети за производство на цврсти фармацевтски форми, со површина од 6.200 м2, се најкрупниот инвестициски потфат на компанијата во изминативе две децении
Во насока на посветеноста за постојана модернизација и за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, „Алкалоид“ АД Скопје ја комплетираше реализацијата на својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории.
Новиот техничко-технолошки капацитет, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност во производството на цврсти фармацевтски форми, зафаќа површина од 6.200 м2 (производствени и технички простории), а за него „Алкалоид“ вложи вкупно 19,4 милиони евра. За изведбата на овој објект, започната во април 2021 година, беа ангажирани 30 домашни и 16 странски компании, а градежните работи и опремувањето се одвиваа под водство на стручните служби на „Алкалоид“ АД Скопје. Просториите се изведени во согласност со строгите норми за добра производствена пракса, а сите процеси се целосно интегрирани и дигитализирани, со автоматско генерирање на сите податоци од процесните контроли.
Во новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми ќе се врши производство на таблети, филмувани таблети, капсули и на двослојни таблети, кои за првпат се воведуваат како технологија за производство во Македонија. Станува збор за таблети што содржат неколку активни супстанции со различни хемиско-физички својства или со различен начин на ослободување на состојките, кои внимателно и прецизно се дозирани, но физички одделени со соодветно обезбедена стабилност и делотворност, овозможувајќи им на пациентите целосната терапија од неколку лекови да ја земаат само преку една таблета. Опремата за производство на цврсти фармацевтски форми е набавена од светски познати производители на опрема од овој вид: GEA (опрема за влажна гранулација), Alexanderwerk (опрема за сува гранулација), Lodige (опрема за хомогенизација), Fette (преси за таблети), Glatt (систем за филм-обложување), De Lama (автоматска машина за перење контејнери) и други.
Со пуштањето во употреба на новата техничко-технолошка единица за производство на цврсти фармацевтски форми двојно се зголемува производствениот волумен, па така, наместо досегашниот капацитет од 2 милијарди таблети годишно, моменталниот проектиран производствен капацитет е повеќе од 4 милијарди таблети годишно.
„Во динамична индустрија каква што е фармацевтската пласманите обично кореспондираат со инвестициите, вештините и знаењето, кои во изминативе две децении ги насочивме кон градење на модерно и конкурентно производствено портфолио. Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот ’Алкалоид’, достоинствено и посветено, со практикување на високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“, изјави Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор Живко Мукаетов на официјалното пуштање во употреба на новиот оддел, кое се одржа во присуство на високи претставници на менаџментот на компанијата, како и на претставници на медиумите од земјата и од регионот.
Ова е еден од најкрупните инвестициски проекти на „Алкалоид“ АД во изминатите две децении. Компанијата во 2005 година имаше пласмани од 53,1 милиони евра, а во 2023 година прикажа консолидирани пласмани од 268,3 милиони евра. Следствено на овој петкратен континуиран раст, во текот на изминатите 15 години беа реализирани инвестиции во вредност од над 220 милиони евра.
Фармацевтските производи на „Алкалоид“ се присутни на пазарите во повеќе од 40 земји во светот.
АЛКАЛОИД АД