Во голот на Алкалоид, меѓу стативите, стои македонскиот репрезентативец Иван Галевски. Подготовките во Маврово текат со полн интензитет, а очекувањата, како на личен, така и на тимски план, секогаш се највисоки, во согласност со амбициите на клубот.
„Повторно сме заедно и работиме напорно. Следи ни подготвителен период во кој се фокусираме на техничките и тактичките аспекти на играта. Согледуваме дека овие тренинзи се поинтензивни од вообичаените, но е неопходно да работиме и да ги исполниме задачите на тренерот за да стигнеме до посакуваните резултати.
Работиме на сите аспекти на играта, се подготвуваме и кондициски. Овој ритам мора да го одржуваме, бидејќи сакаме да ја достигнеме таа кулминација и да бидеме во врвна форма до крајот на август, кога нè очекува тежок старт на сезоната.
Во почетокот имаме квалификации за Европската лига на ЕХФ, а потоа следува и распоред со тешки домашни натпревари во Суперлигата. Не очекуваме лесен пат, но ја темпираме формата, подготвките ни течат одлично и имаме добра тимска хемија. Нашите амбиции се кристално јасни – оваа екипа е создадена за победа и ќе се стремиме да победиме во секој натпревар, прикажувајќи го најдоброто од нас“, изјави Галевски.




