Алиу ги отфрла обвинувањата за непотизам во ангажманот на шефот на неговиот кабинет

Министерот за информатичко опшестство и администрација Азир Алиу ги отфрла обвинувањата за непотизам при ангжманот на Дритон Даути за шеф на неговиот кабинет, што ги упати политичката партија Алтернатива.

„Тоа е излезено надвор од контекст, не ми е ниту зет од ќерка, од сестра, може да проверите, да отворите постапка, сѐ е во ред, нема никаков непотизам. Тој е зет на семејството Алиу, не е мој зет“, рече Алиу на новинарско прашање.

Идејата, посочи, е да имате луѓе околу вас кои се експерти и на кои им верувате. „Дојдов тука да бидам транспарентен, да го отворам министерството за граѓаните“, рече Алиу, најавувајќи дека Кабинетот на МИОА ќе има поткаст, а еден од нив ќе биде со новинарите.

Алиу потсети дека ова му е прва политичка позиција бидејќи доаѓа од приватниот сектор и оти е свесен дека јавноста е чувствителна од аспект на политичари на креирање на политики на корупција на непотизам и тн.

„Кога доаѓате во последната година од владеење, мора да бидете претпазливи од аспект на креирање човечка инфраструктура во кабинет. Единствениот кабинет што ја отсликува реалноста во Македонија е Кабинетот за МИОА каде што внатре ги имате сите категории, значи експерти од сите националности и јас се гордеам со тоа“, наведе Алиу.

МИА

- Реклама -