Иако судењето е пред самиот финиш, денешното рочиште за „Титаник 3“ е одложено поради отсуство на обвинетиот Ејуп Алими – пратеникот на ДУИ. Наместо на судење, Алими отишол на редовната координативна средба кај собранискиот спикер Талат Џафери, какви што се одржуваат секој понеделник, во улога на пратеник и координатор на пратеничката група на ДУИ.
Вакви средби се одржуваат секој понеделник, прочита судијката Марија Клетничка Марковска во оправдувањето за отсуството на обвинетиот испратено од Собранието, се разбира со потпис/печат на Талат Џафери, по што посочи дека истите тие средби не биле пречка и минатото рочиште да се одржи токму во понеделник. Таа додаде и дека денешниот датум за рочиштето бил договорен и со согласност на самиот Алими.
По 15-минутната пауза, Марковска одлучи да го одложи рочиштето за 13 септември.
Алими е обвинет за изборни манипулации заедно со Исмет Гури – секретар на Општинската изборна комисија Чаир на локалните избори во 2013. Алими, тогаш невработен, заедно со Гури како службено лице и други сведоци, уништувале изборен материјал по првиот изборен круг, односно преправиле над 30 записници за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето од повеќе избирачки места.
Алими беше и еден од најгласните пратеници против апсењето и тогаш сè уште неизвесната екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК – Томор Морина. Тогаш Алими порача дека се срами што е дел од Собранието и жестоко ги критикуваше премирот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски.