„Политичката автономија на секој субјект е прифатен факт за Алијансата за Албанците, како што и договорите потпишани меѓу субјектите, без разлика дали се политички, подразбираат откажување од дел од нејзината автономија“, велат од партијата на Зијадин Села по повод преговорите на нивниот досегашен опозициски партнер – Алтернатива на Африм Гаши.
Од Алијанса истакнуваат дека договорот за коалиција меѓу нив и Алтернатива јасно ги дефинира критериумите и временските рокови на оваа коалиција, односно во членот 6 од овој договор стои дека:
„Странките се договорија оваа соработка да важи до следните парламентарни избори“.
Следствено, посочуваат од Алијанса, „Алтернатива треба да ги разјасни своите позиции во однос на овој договор, кој го прекршуваа најмалку три пати по ред, со јавна средба со премиерот во оставка – Зоран Заев, за да разговара за можноста за влез во Владата“.
„Нашиот досегашен молк никако не е слабост, туку сериозност кон потписот што го ставивме во договорот и политичкиот морал што сакаме да ѝ го пренесеме на јавноста, дека на крајот дадениот збор докажан со потпис за нас претставува вредност“, стои во соопштението.
Чекањето, велат од Алијанса, се однесува на можноста што сакаат да им ја дадат на Алтернатива да размисли околу политичките чекори што ги презема.
„Минимумот на коректност што го очекуваме од вас е да одговорите дали е валиден или не договорот потпишан меѓу Алијансата за Албанците и Алтернативата? Ако не, тогаш не ни останува ништо друго освен да ви посакаме успех во вашиот пат, кој за нас е погрешен и во целосна спротивност со волјата што ја изразија граѓаните кои гласаа за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернативата.
Изразуваме жалење за разочарувањето што го предизвикавте на опозициските гласачи кои нѐ поддржаа против оваа власт. На истите ние им остануваме верни во нашето понатамошно политичко патување, држејќи ги вратите отворени за сите оние кои за кои е свет дадениот збор пред граѓаните“, се вели во соопштението, во кое Алијанса за Албанците воедно и ја информира јавноста, како што велат, дека во иднина добро ќе размисли со кого ќе потпише коалициски договор.