Алијанса ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ: Синоќа сведочевме напад врз Албанците од Скопје и нивните имоти

Алијанса за Албанците денеска соопшти дека ја прекинува соработката со ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката „коинцидира“ со одлуката на градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска, да го разреши директорот на јавното претпријатие Комунална Хигиена – Зуди Енузи, брат на едно од лицата вооружени со пиштол при вчерашниот инцидент со демонстрантите против францускиот предлог кај плоштадот „Скендербег“, што наиде на реакции кај партијата.

„Целата јавност синоќа беше сведок на сценарио за напад врз Албанците од Скопје и нивните имоти, слично како во минатите сценарија каде Албанците се жртвуваа за политички цели и пазарења, а ДУИ, ЛСДМ и ВМРО добиваа политички поени“, велат од Алијанса за Албанците.

„Патот кон ЕУ не треба да биде за цена на имотот и животот на албанскиот граѓанин. Ова го кажуваме отворено и гласно за оние кои го жртвуваат Албанецот во име на европеизацијата и против оние кои ги насочуваат антиевропските протести против најевропскиот народ, албанскиот народ“, се вели во соопштението, каде како официјална причина за раскинувањето на соработката со ВМРО-ДПМНЕ го наведуваат, според нив, „метастазирањето на Левица“.

„Контаминацијата и метастазирањето на Левица во ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на заедничките сценарија на ДУИ и ВМРО како во времето на груевизмот, сега со подршка и на СДСМ, се лесни за читање и неприфатливи за Алијансата за Албанците. Не дозволуваме да бидеме ниту дел, ниту жртва на вакви сценарија. Алијансата за Албанците не дозволува повредување на Албанците, ниту омаловажување на Албанците, ниту нарушување на гордоста на Албанците.

Затоа, без оглед на постојаните тенденции за извалкање на Алијансата за Албанците, нејзиниот чист и прав пат кон западните вредности, кон целосна рамноправност на Албанците овде во Северна Македонија, објавуваме дека соработките кои се обидоа да ѝ ги подметнат на Алијансата се само инсинуации во болните умови на нашите политички опоненти. И ако сакаат уште еднаш да се потврди, Алијансата за Албанците е на Албанците и на никој друг, таа е на народот и на никој друг, таа е во Алијансата со НАТО и Западот и со никој друг.

И за да го потврдиме тоа, како резултат на последните случувања, антиалбанските повици, сценарија кои нашиот здрав разум не може ни да ги разбере, прекинуваме секаква соработка сѐ додека овие политички субјекти не ја рефлектираат и запираат логиката на политичко профитерство со анатемизирање на Албанците“, се наведува во соопштението.

Во однос на разрешувањето на Енузи, пак, од Кабинетот на Арсовска синоќа порачаа дека „градот Скопје, како град на соживот и солидарност, не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани“.

Како што беше наведено во соопштението, „политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите“.

„И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие Комунална Хигиена од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа истиот е разрешен од позицијата вршител на должност“, информираше Арсовска.

- Реклама -