Алиенацијата на општеството ги убива Јапонците

kodokushi

Ваквите приказни станаа премногу познати во Јапонија, ма колку и Јапонците да даваат сé од себе за да ги игнорираат: постаро или лице во средно доба, најчесто маж, е најден мртов во својот дом или стан, најчесто во креветот. Поминале денови, седмици или дури и месеци откако последен пат имал контакт со друго човечко суштество. Најчесто телото го открива лутиот сопственик на станот заради задоцнетата кирија, или соседот што ќе забележи непријатен мирис. Починатиот речиси и да немал никаков однос со светот околу него: без работа, без контакт со соседите, без контакт со жената и децата. Човекот очигледно има малку мотив за да се грижи за домот, за врските со луѓето, за здравјето. „Мнозинството од осамените умирачки се луѓе кои се на некој начин неуредни“, вели Таичи Јошида, кој раководи со компанија за селење која често ја добива задачата да ги расчисти становите во кои откриваат починати луѓе долго по настапувањето на смртта. „Тие се луѓе што кога нешто ќе извадат, не го враќаат на своето место; кога нешто ќе се скрши, тие не го поправаат; кога една врска ќе се распадне, тие не ја залечуваат“.

Овие случаи на осамена умирачка во Јапонија имаат и свое име: кодокуши (kodokushi). Секој еден од нив поминува без да привлече многу внимание (еј сеа, некој таму умрел што никој не го знае, голема работа), но феноменот е доволно чест за да биде добро познат и надвор од Јапонија. Министерството за здравство на земјата пријавува дека во 2013, во Јапонија имало 3.700 случаи на смрт „без туѓо присуство“, но многу истражувачи го отфрлаат тој број и го обвинуваат министерството за неискреност и големо потценување на реалната бројка, која според нив е поблиска до 30.000. Вака или онака, од подемот на феноменот во 1980-тите, фреквенцијата на кодокуши е во постојан пораст.

Зголемувањето се чини дека е резултат на длабоките социјални и општествени промени во земјата, особено на распадот на традиционалното мултигенерациско јапонско семејство. Во 1960-та, околу 80% од постарите Јапонци живееле со своето дете; оттогаш бројот е намален на половина. Во комбинација со трендот на брзо зголемување на просечната старост – денес околу 1 на секои 5 Јапонци има над 65 години; се очекува до 2030-та, тој број да порасне до 1 од 3 Јапонци. Со тоа расте и бројот на запоставени возрасни лица. Веќе речиси четвртина од јапонските мажи и десетина од јапонските жени постари од 60, велат дека нема ниту еден човек кому можат да му се потпрат во тешки времиња. „Тоа е како микрокосмос на стареачкото население на Јапонија“, вели јапонско официјално лице. „Тоа е нешто што никој не можеше да го предвиди пред една декада“.

9436_cc9109aa1f048c36d154d902612982e2[1]

Долгата економска бура во последните 25 години исто така е фактор. Многу мажи ги изгубија своите работи и беа присилени рано да се пензионираат или се најдоа соочени со финансиски проблеми кои им го уништија социјалниот статус и им отежнаа да сврзат крај со крај. Парите се особено проблем за генерацијата од Јапонци што стигнаа зрели години во време кога економијата цветаше, кои инвестираа огромен дел од себе во својата работа, а ги запоставија личните врски и дури своите сопствени деца, кои инаку ќе ги мотивираа кога ќе остарат. „Светот им испари од под нозете“, вели Скот Норт – социолог на универзитетот во Осака, кој го проучува јапонскиот работен живот. „Фирмата им беше сé на овие луѓе. Нивната перцепција за машкост, нивниот социјален статус, нивното чувство за себе – сé тоа беше вкоренето во корпоративната структура“.

Во многу аспекти, феноменот кодокуши изгледа како да е специфичен за Јапонија. Се појавува во општество кое истовремено се бори со големите промени во семејната структура и со генерацискиот пад на економијата. Тажните Јапонци во изолација многу веројатно се чувствуваат ограничени од гаман – јапонскиот идеал за страдање низ тешки времиња со „крената глава“ и со „затворена уста“, без жалење. Истовремено, јапонското општество веќе долги години го одбива американскиот тренд на лечење на менталните болести и нарушувањата на расположението со лекови, ја отфрла терапијата на разговор (со психолог) и антидепресивите. Многу од осамениците никогаш не бараат помош или контакт со други луѓе.

***

Ама смртните случаи од очај не ќе да се уникатни само за Јапонија. Лани во ноември, економскиот нобеловец Ангус Дитон и Ан Кејс забележаа пресврт во еден од најконзистентните и најсигурни трендови во модерното американско јавно здравство: голем дел од американската популација умира побрзо отколку што се очекува. Дитон и Кејс (двајцата економисти од Принстон и сопружници) заклучија дека стапката на смртност кај белите луѓе без факултет на возраст од 45-54 години – е драматично зголемена меѓу 1999 и 2013 година. Зголемувањето се случува за прв пат и нема свој историски преседан, и е во спротивност на постоечкиот тренд на намалување на стапката на смртност кај латино и црната популација во САД и во сите богати земји. „Половина милион луѓе кои не треба да се мртви, се мртви“, вели Дитон за Washington Post. Тоа е за околу 40 пати поголема смртна стапка отколку кај еболата, и речиси голема колку таа на СИДАта и ХИВ вирусот. Дитон вели дека зголемувањето е толку бизарно во споредба со долгогодишните трендови, што демографите веројатно би реагирале со „Мора да имаш направено некаква грешка. Ова не може да е возможно“.

9435_41d80bfc327ef980528426fc810a6d7a[1]

Набрзо по извештајот на Дитон и Кејс следеше уште еден, кој дојде до истиот, но и поширок заклучок. New York Times анализираше преку 60.000.000 посмртни сертификати собрани од Центарот за контрола на болести, и најде дека смртната стапка кај сите бели луѓе на возраст од 25 до 54 е зголемена, од 1999-та – не само кај помалата демографска група од истражувањето на Дитон и Кејс. Растот на смртноста е особено голем кај белите жени.

На што се должи овој неочекуван раст? Како една од причините Дитон ги наведува дрогата и алкохолот, и самоубиствата… Притоа под „дрога“ се мисли и на големата епидемија на хероинот, и на епидемијата од препишани лекови, пејнкилери и антидепресиви. Зад сето ова, пак, според многумина експерти, стојат економските предизвици и слабите лични врски и врските со заедницата.

Вака гледано, кризата во Америка не е многу поразлична од таа во Јапонија, како и во другите развиени земји. Луѓето од секоја нација се соочуваат со социјални и економски проблеми кои некогаш се надвор од границите на нивната можност за справување со истите. Луѓето се борат на разни начини, зависно од нивната лична и културна позадина, и потклекнуваат на разни начини, исто така. Дистанцата од мејнстрим економијата, сé поголемата меѓучовечка оддалеченост, ослабените врски во заедницата и поделбата на општеството со класи и географски и културални линии – полека, ама сигурно, ги убива.

- Реклама -