Дека Еди Рама преферира да носи патики, дури и на дипломатски средби, веројатно веќе знаете. Она што е помалку познат факт за албанскиот премиер, меѓутоа, е тоа што Еди Рама нема возачка дозвола.
За разлика од дедо му, кој бил личен возач на кралот Ахмет Зогу, а и самиот голем ентузијаст за автомобили, Еди Рама нема таква пасија. Напротив, тој вели дека многу повеќе му се допаѓа при патување да размислува, отколку да вози.
„Сета страст, сета пасија за автомобили во нашето семејство, во неколку генерации, ја консумирал дедо ми. Не сакам да возам затоа што повеќе сакам да размислувам додека патувам“, вели Рама.
Актуелниот албански премиер е познат и по тоа што обично дестинацијата од неговиот дом до зградата на владата ја минува пеш. За разлика од поранешните премиери на кои се навикнати албанските граѓани, кои секогаш се возат во автомобили и се опкружени со телохранители, 54-годишниот Рама често ќе го видите како пешачи на тротоар како обичен граѓанин, некогаш дури и со сопругата и синот, некогаш дури и додека пазарува во обичен супермаркет. Вели дека оди пеш секогаш кога не е голема оддалеченоста и нема потреба од автомобил. Со тоа, во повеќе наврати има истакнато Рама, избегнува и да ја загадува околината.
via Телма