„ДУИ, која се преправа дека е претставник на Албанците во Владата, уште еднаш го потцени својот сопствен електорат и сите Албанци“, се вели во реакцијата на коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, по повод договорот што го постигнаа Заев и Мицкоски, но како што нагласи премиерот, и во согласност со сите големи коалициски партнери, за одложување на пописот.
„Зоран Заев лично потврди дека одлуката да се одложи пописот само му ја соопштил на Ахмети по телефон и не го прашал за мислење. Мицкоски, пак, го нарече само квантитет, а не квалитет.
На овој начин, од партија што стана дел од Владата мамејќи со ‘премиер Албанец’, ДУИ денеска се претвори во партија која им наштетува на Албанците, овојпат преку одложување на пописот“, обвинуваат од албанската опозиција.
Тие предупредуваат дека никој не може да го намали бројот на Албанците.
„Нека знаат Заев, Мицкоски и Ахмети дека иако најдоа начин да нѐ заобиколат преку надбројност, тие никогаш нема да успеат да го намалат бројот и процентот на Албанци во Северна Македонија. Нашите штабови и активисти, и во дијаспората и локално, ќе бидат будни и активни, па кога и да продолжи, ние ќе бидеме овде за да го сензибилизираме и спасиме овој процес. Во меѓувреме, за секој пазар што ќе го направите на штета на Албанците, сите еден ден ќе одговорате!“, порачуваат од коалицијата.