Во периодот јануари-септември туристичкиот сектор во албанската економија донесе приходи од 3,8 милијарди евра, приближувајќи се на нивото на приходи од целата минатата година, кога изнесуваа 4,2 милијарди евра, објави Централна банка на Албанија.
Само во текот на летната сезона, остварен е приход од 1,9 милијарди евра, покажуваат податоците на банката, која проценува дека приходите и расходите во овој сектор се зголемени соодветно за околу 15 отсто.
Податоците потврдуваат дека за 11 месеци Албанија ја посетиле над 11 милиони странски туристи, што е за 1,5 милиони или 15,8 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година.
Очекувањата се дека следната година бројот на туристи ќе биде уште поголем а со тоа и приходите во албанската економија.
Од друга страна и албанските граѓани повеќе патувале во странство, главно поради годишен одмор, за што потрошиле 879 милиони евра.