Тирана, 19 декември 2021 (МИА) – Во Албанија во 2022 година повеќе нема да функционира отворениот шалтерски систем и сите услуги ќе се вршат преку онлајн платформи, најави премиерот Еди Рама.
„Во 2022 година ќе ги затвориме сите шалтери, нив повеќе нема да ги има. Како што дојде пандемијата кај нас а не не праша никој за тоа, по што практично сите го користеа eAlbanian. Жално е што додека го имаме овој механизам да има и трошоци. Ќе овозможиме во сите случаи да нема проблем со услугата на платформата eAlbanian за тоа што сакате и каде да ги проследите барањата но и жалбите доколку не добиете одговор во потребното време“, рече Рама.
Тој предупреди на финансиски санкции за одговорните во релевантните сектори, кои намерно ќе ги одложат одговорите на граѓаните.
-Има стотици луѓе кои се таму да се справат со вашето барање, според областа, новиот сервисен систем е таков што на компјутерски начин со црвена ознака ги прикажува сите случаи кога граѓаните се пријавиле и рокот доколку е прекршен. Во тој момент шефот, министерот, владата дознаваат дека на граѓанинот Х од село Y не му е испочитуван рокот. Во тој момент започнува истражната постапка, по што ќе следуваат санкции, дообјасни тој.
Додаде дека поддржувачкиот елемент и на службите и на платформата е антикорупциската единица што веќе е формирана.